„Кордон блу“ е светски познато јадење кое можете да го најдете на менито во речиси секој ресторан. Постојат бројни варијанти за негово приготвување, а може да биде направено од свинско, пилешко или телешко месо.




Ова всушност е парче истенчена шницла од месо, филувана со шунка, пршута или сланина и кашкавал или некој друг вид на сирење, а потоа похувано и пржено или печено во рерна.




Овој рецепт потекнува од Швајцарија, а за првпат бил споменет од готвачите во 1949 година во една интересна анегдота за тоа како настанал. Имено, во еден ресторан во Бриг се појавила поголема група на гости кои тврделе дека имаат резервација. Главниот готвач се нашол во небрано, бидејќи немал доволно месо за сите да ги послужи.




Па така, месото го поделил на потенки шницли, го наполнил со шунка и кашкавал, па го похувал и испржил. Газдата на ресторанот бил толку задоволен од ова јадење, што на готвачот му доделил ѕвезда „Гордон блу“ што е француска метафора за одличен готвач. Еве што ви е потребно за да го направите ова превкусно јадење од кое прсти се лижат:




Потребни состојки: 4 парчиња пилешко филе (околу 800 г), црн пипер по вкус, 3 лажички сув зеленчуков зачин (вегета), 200 мл вода, 2 лажици растопен путер (25 г
), 2 чешниња лук, 1/2 лажичка оригано, 4 ленти шунка (100 г), 4 ленти кашкавал (100 г), 1 лажица маслиново масло




Потребни состојки за похување/панирање: 80 г лебни трошки, 2 лажички мелена слатка зачинска пиперка и 2 лажици рендан пармезан. За прилог можете да подготвите компир кој ќе се пече заедно со месото или некој друг зеленчук по ваш избор.




Постапка: едно по едно сите пилешки парчиња ставете ги во кеса и истенчете ги со чекан за месо. Потоа месото запиперете го и зачинете го со лажичка сув зеленчуков зачин од двете страни подеднакво (ако е многу солен зачинот, прилагодете го според ваш вкус).




Во едно тенџере ставете вода, 1 лажички сув зеленчуков зачин, растопен путер, ситно исечкано лукче и оригано. Ставете на оган да зоврие и варете неколку минути за да се ослободат вкусовите.




Смеса за похување: измешајте ги лебните трошки (презлата), црвената слатка пиперка во прав и рендан пармезан. Врз пилешката шницла ставете лента шунка и лента кашкавал, свиткајте и прицврстите со чепкалки за заби.




Приготвеното месо натопете го во приготвената зачинска течност од тенџерето, а потоа во смесата за похување. Добро обложете го парчето од сите страни. Похуваните парчиња наредете ги во намастен (со една лажица маслиново масло) огноотпорен сад или помал плех во кој ќе ги печете.




Остатокот од зачинската течност во тенџерето прелијте ја во месото, а по желба помеѓу месото наредете и крупно печени парчиња компир. Ставете да загрее во загреана рерна на 200-180 степени околу 30-45 минути, во зависност од вашата рерна. / Зокакро / Сооlinarika