„Ако веќе ринташ по цел ден, барем тоа прави го за вистинскиот маж. Не се троши на лош маж. Што сè истрпува една кутра жена, тоа само таа си знае, иако честопати не е ниту свесна за своите моќи.
Значи ти жено можеш да работиш 18 часови дневно и по две работи ако треба, да трчаш од едното до другото работно место, да тегнеш по сто кеси испазарени намирници, да пеглаш два тона алишта и секогаш да изгледаш уредно и чисто.
Можеш, можеш ти жено, да ја глумиш сенката на сопствената мајка. Ти жено, можеш да правиш што сакаш, ама не би требало, зошто ете, одредено ти било да бидеш дама, да бидеш „понежниот“ пол.
Па ти жено треба да си ги лакираш ноктите, да носиш темен кармин кој ќе ти ги истакне усните, некои симпатични сукничиња, фустанчиња и кошулчиња. Не знаат тие, жено, дека тие твои раце, се раце на терминатор. И покрај гребаниците и лузните од исе-ченици, ти можеш сè.
Секојдневно готвиш најразлични јадења, принесуваш, изнесуваш, собираш како некој мравјалник. На сите им угодуваш да им го погодиш вкусот, ама никојпат себеси, да си исполниш сопствената желба.
Свесна си и знаеш што ти недостига. И одеднаш се уморуваш. Ама повторно стануваш и се даваш себеси. Не постигнуваш, ама и натаму даваш. Се оглушуваш на критиките дека не се грижиш доволно за себеси, не мислиш на своето здравје и немаш живот.
Ниту љубовен живот. Можеш ти жено, да си ги спакуваш куферите и во рок од 20 минути да си заминеш во „ветената земја“, во подобар живот. Можеш ти да се сместиш во каков било смештај, во некоја соба, да ја делиш со некоја бабичка.
Ти жено можеш да се возиш и да се туткаш во преполн автобус, можеш и да чистиш станбени простори или да се вработиш дополнително како готвачка во некој ресторан, а можеш и што било друго за што има потреба тој ресторан.
Ти жено можеш да го имаш кој сакаш од овој град, ама не е до тоа работата. Немаш време, ниту волја, ниту нерви. Кај може уште тоа да влезе во твојот распоред во ден од само 24 часа.
Не веруваш во меѓучовечки односи. Немаш сила, уште и за тоа ли? Зар некој повторно да те обвинува што не си создадена за двајца, за врска, што веќе немаш најдобра другарка и апетит за нешто слично?
Можеш ти жено да мислиш на сите освен на себе, сè додека нешто во твојот стомак не прокркори „п омош!“; додека не се фатиш себеси дека не знаеш дали денес воопшто си јадела нешто, не се сеќаваш ни дали кафе си пиела.
Ако веќе ринташ по цел ден, тоа жено барем нека биде за вистинскиот маж и добри личности. Да. И не му ја мисли што мислат другите за тебе. Ни прва ни последна што се развела. А народот и соседите… тие ниту те ранат, ниту те облекуваат…“