Овој леб се пече 20 минути на ниска температура, а постапката за приготвување е многу лесна и секој треба го проба овој рецепт. Ќе бидете воодушевени како од обликот, така и од вкусот.
Овој леб можете да го правите и заедно со децата… Сè што треба да направите е да го обликувате тестото во мали топчиња како мини балончиња, и да ги редите во плехот во облик по ваша или нивна желба.
Ова освен што е вкусно и интересно, исто така е декоративно, па овие „меур-лепчиња“ можете да ги послужувате и за разни пригоди, особено за детски родендени. Ако имате малку поголеми дечиња, можете да им дозволите самите тие да ги прават топчињата.
Ова е многу интересен леб кој се пече на пониска температура од вообичаено, но и доста брзо (за 20-тина минути е готов), па ова е дополнителна корист. Толку е мек и сочен, а тестото не мора да го месите со рака, едноставно се меша со шпатула.
Можете да го послужувате со салати, со разни домашни и купечки намази, со месо или какво било јадење. Може од него да се приготвуваат мини сендвички како закуска, но и за излет, кога излегувате на прошетка некаде надвор. Еве како се приготвува:
Потребни состојки: 200 г сенаменско брашно (брашно за леб), 170 мл млако млеко, 20 г шеќер, 1 лажичка сув квасец (3 г), 1 лажичка сол (2 г), 10 г растопен путер
Постапка: Во еден сад ставете го млекото, додајте шеќер и квасец. Промешајте убаво додека да се растопи шеќерот, па покријте го садот со проѕирна фолија и оставете да отстои 10-тина минути додека да се активира квасецот.
Во друг подлабок сад ставете го брашното, додајте малку сол, па убаво промешајте и направете вдлабнатина во средината. Тука додајте го активираниот квасец, па мешајте со шпатулата додека целото брашно да се нафати.
Кога ќе се соедини тестото, додајте го растопениот путер, па продолжете да мешате со шпатулата додека да се впие маслото и тестото да стане помазно. За ова е потребно кратко, околу 3 минути и нема потреба да се меси со рака.
Тестото е доста лепливо, но такво треба да биде. Покријте го со фолија и оставете го на топло да стасува околу еден час додека да се удвои. Потоа, со набрашнети прсти, истресете го врз набрашнета работна површина.
Повторно не треба да се меси тестото. Едноставно, со набрашнети прсти развлекувајте го и формирајте дебела кора со форма на квадрат. Со шпатула за тесто исечете ја кората на ленти, а потоа сечете мали парчиња.
Формирајте мали топчиња со помош на набрашнети дланки. Топчињата кои може да бидат со различна големина, редете ги во плех обложен со хартија за печење. Помеѓу оставајте малку простор, зошто дополнително ќе нараснат.
За поубаво да стасаат ставете го плехот во исклучена рерна и затворете ја вратничката. Овде оставете ги додека да го удвојат својот волумен. Потоа извадете ги и со помош на силиконска четка премачкјате ги со млако млеко (или на собна температута).
Ставете го лебот да се пече во претходно загреана рерна на 160 степени околу 18-20 минути на средината од рерната. Штом ќе заруменат извадете ги и додека се топли одозгора премачкјате ги со путер. Деталите од целата постапка м ожете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.