Рецепт на Бојана од Бокина Кујна. Оброк или предјадење, одлучете вие – солет ролат од палента, и тоа што не јадат ќе го засакаат. Многу вкусен ролат кој се подготвува многу лесно и едноставно. Само е потребно повеќе време додека да излади..




Покрај тоа, овој ролат е поздрав отколку вообичаените, за дечињата е одличен оброк кој веднаш ќе ги засити. Потребни состојки: 200 г палента, 700 мл млеко, 10 г масло (1 супена лажица или 1 коцка путер / маргарин), половина лажичка сол или по вкус.




За прелив: павлака или тврдо сирење, шунка или некое друго сувомеснато, тенко исечкано, 100 г рендан кашкавал. Постапка: Во тенџере на рингла ставете го млекото да зоврие заедно со коцка путер или масло.




Малку промешајте и гответе на средна температура. По зовривање, постепено додавајте ја палентата и мешајте со жица за матење за да не се појават грутки. Гответе уште 5 минути, во зависност од тоа колку ви е силна температурата на ринглата.




Со постојано мешање, варете до посакуваната густина. Малку посолете во вкус. Јас најчесто додавам половина лажичка сол. Палентата треба да се згусне, но да не биде премногу тврда. Гответе до густина како што би ја јаделе на тој начин, мека кон средна.




По готвењето, оставете малку да излади, да биде млака. На хартија за печење, поставете ја палентата и распоредете ја по должина на сите страни. Одозгора ставете уште една хартија за печење и со помош на оклагија развлечете рамномерно на средината и по краевите.




Тргнете ја горната хартија и палентата премачкајте ја со павлака со 20% масленост или уште подобро изрендајте тврдо сирење врз неа. По добро премачкување, наредете тенко исечкано сувомеснато, колку што сакате во еден или два слоја.




Потоа врз сувомеснатото премачкајте со тенок слој павлака или тврдо сирење, па на крајот наредете 100 г изрендан кашкавал. Со голема внимателност, завиткајте го ролатот со помош на хартијата за печење.




Ова може да биде малку тешко поради тоа што палентата е лесно кршлива, но во секој случај и малку да ви се поткрши не се секирајте бидејќи ролатот не го губи својот убав вкус.




Завиткајте ја палентата во хартијата за печење, а одозгора завиткајте со проѕирна фолија за одржување на поголема цврстина. Ставете го ролатот во соодветен сад во фрижидер и оставете да излади и да се стврне 2 – 3 часа.




По ладењето, ролатот се послужува како оброк или предјадење. Се сече на ролатчиња, а одговара со се. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ. Ролатот со спанаќ е класик над класиците во македонската кујна и пошироко, и речиси секогаш е присутен за било каква пригода. Пред вас е проверен и детален рецепт проследен со постапка за приготвување.

Потребни состојки: 300 г спанаќ, 3 јајца, 200 г крем сирење, 200 г печурки шампињони, 2 главици кромид, 1 супена лажица кисела павлака, 2 супени лажици брашно, малку рендан пармезан (или друго тврдо сирење/кашкавал), масло за пржење, сол и црн пипер по вкус.

Подготовка на филот: Кромидот пропржете го на загреано масло додека да кристализира и добие златна боја, а потоа додајте ги тенко исечените шампињони. Оставете да се динста 10-тина минути додека да испари течноста.

Кога запржените печурки со кромидот ќе се оладат, додајте една лажица кисела павлака и зачинете со сол и црн пипер по вкус. Промешајте за да се изедначат зачините. Спанаќот сварете го во зовриена солена вода. Доволни се само неколку минути колку тој да омекне.

Потоа спанаќот ставете го во ладна вода за да ја сочува зелената боја (или наросете го со малку лимонов сок), а потоа ставете го врз цедалка за да се исцеди од вишокот вода. Одделете ги белките од жолчките. Изматете ги белките во црвст и густ снег, со додаток на прстофат сол.

Изматете го спанаќот во блендер заедно со жолчките, брашното и една супена лажица крем сирење. Добиената зелена смеса од спанаќ постепено додавајте ја во цврстиот снег од белки, па промешајте со лажица или шпатула додека да добиете изедначена смеса.

Обложете го плехот со хартија за печење и нанесете ја смесата, но обидете се да формирате правоаголна форма, во рамномерен слој. Ставете да се пече 15 – 20 минути во рерна, претходно загреана на 190°С. Испечената кора наросете ја одозгора со рендан пармезан или кашкавал по ваш избор.

Покријте ја печената кората со друго парче хартија за печење и превртете ја брзо. Потоа отстранете ја хартијата на која се печеше. Тестото премачкајте го со крем сирење преку целата површина. Потоа нанесете го и рамномерно премачкајте го филот со печурки.

Внимателно свиткајте го ролатот. Цврсто завиткајте ја ролната во проѕирна фолија и ставете ја во фрижидер да отстои неколку часа. Ако ролатот го подготвите ден претходно, најдобро е да го оставите да отстои преку ноќ, а дури потоа да го исечете на парчиња. / uspesnazena.com