Ќе уживате во секој залак, толку е вкусен овој колач. За приготвување најпрво се матат јајцата, а потоа сите течни состојки, па се додаваат сувите и добиената смеса се пече и се прелива со сируп. Брзо, едноставно, а неодоливо!
Потребни состојки: 4 јајца, 1 чаша шеќер, 1 чаша брашно, 1 чаша мелени ореви или лешници, 2 чаши гриз, 1 чаша масло, 1 чаша млеко, 1 прашок за печиво
За прелив: 250 г шеќер, 400 мл вода, 1 ванилин шеќер, 1 лимон – кора. За премачкување: 2 изматени шлага, малку мелени ореви за декорација
Постапка: вклучете ја рерната на 200 степени. Плех со диманзии 20х35 см намастете го со масло и наросете го со брашно, а вишокот истресете го.
Изматете ги пенасто јајцата, па додајте го шеќерот и продолжете да матите додека тој да се растопи а смесата да згусне и побели. Додајте ги и течните состојки (млекото, маслото), па додајте ги сувите состојки (брашно, гриз, ореви).
На крај додајте го прашокот за печиво, па добиената смеса излејте ја во приготвениот плех и ставете да се пече во загреаната рерна околу половина час. Додека се пече колачот пригответе го сирупот.
Сварете ја водата заедно со шеќерот, ванилата и ренданата кора од еден лимон, околу 5 минути откако ќе зоврие. Врелиот, печен колач прелијте го со топлиот сируп и оставете го да се олади.
На крај изматете шлаг па премачкајте го колачот рамномерно преку целата површина. Одозгора наросете една рака мелени ореви. Најубав е кога ќе кога ќе се послужи изладен од фрижидер. Сите детали од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ: БАСБОУСА – Арапски гриз колач. Сочен гриз колач со мерки на чаша – нема да се покаете ако го направите
Слатко и сочно како од 1001 ноќ. Едноставен, а многу вкусен колач. Полн вкус на кокос ммммм….Нема кој не го сака овој колач. Доволно е само еднаш да го пробате, а потоа често ќе го правите и ќе ви го бараат. Како мерка се користи една шолја од 250 мл.
Потребни состојки: 1 шолја шеќер, 1 шолја брашно, 1 шолја кокосово брашно, 1 шолја масло (јас користев половина), 1 шолја млеко или јогурт, 1 шолја гриз, 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер и 3 јајца.
За сируп: 2 шолји шеќер (јас ставив една шолја ама тоа е по вкус, мене ми беше доволно слатко), 1 шолја вода и 2 лажици сок од лимон, портокал или ружина водичка.
Постапка: Изматете ги јајцата со шеќер и додајте ги останатите состојки. Мешајте додека да добиете изедначена смеса. Истурете ја во плех обложен со хартија и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 30 минути. Во меѓувреме сварете сируп од шеќер и вода, додека да зоврие, па потоа додајте сок од лимон и гответе уште околу 1-2 минути.
Врелиот колач прелијте го со топлиот сирупот и оставете добро да впие и да се излади, па потоа сечете на коцки. Во некои рецепти може да се сретне дека пред печење се редат цели бадеми врз колачот. Се служи со кафе Бахарат, ориентален рецепт за кафе ароматизирано со каранфилче, цимет, кардамом и мускатно оревче. / Сoolinarika.com
III РЕЦЕПТ: Сочен колач од кокос, мерки на чаша, многу брз и едноставен / Фотографија и рецепт на Вера Черфељ. За мерење се користи чаша од 200 мл
Потребни состојки: 1 чаша јогурт, 1 чаша млеко, 1 чаша масло, 1 чаша кокос, 1 ванилин шеќер, 2 чаши шеќер, 2 чаши брашно, 1 прашок за печиво. За глазура: 200 г млечно чоколадо, 3 лажици масло
Постапка: Млекото и јогуртот се мешаат со две чаши шеќер и 1 ванилин шеќер. Се остава 10-тина минути додека шеќерот целосно да се растопи. Потоа додајте масло, кокосово брашно и прашок за печиво, па сето убаво промешајте го додека да се изедначи и соедини.
Добиената смеса излејте ја во намастен плех со средна величина и печете 30 минути на 200 степени и уште 10 минути на 150 степени. Печениот колач оставете го настрана да излади, па прелијте го со глазура.
Глазура: чоколадото растопете го на пареа, па додајте му масло, убаво промешајте и оставете малку да излади. Подизладената глазура (да не е врела, а сепак течна) прелијте преку изладениот колач, па одозгора наросете со кокос. / Фотографија и рецепт на Вера Черфељ