Овој колач ќе ви стане еден од омилените. Многу лесно се приготвува, брз е и многу вкусен, а она што е одлично – прилагодлив е, па можете да го направите според вкусот на вашите најмили. Овојпат одбрав вкус на инстант кафе 2 во 1 – Сузана.
Потребни состојки за прв слој: 1 литар вода, 2 кесички нес кафе 2 во 1, 200 г кафеав шеќер, 200 г пченичен гриз.
За крем: 1 литар млеко, 4 кесички (4х50 г) пудинг со вкус на ванила, 12 лажици шеќер, околу 170 г путер или маргарин (две третини од 250 г), 150 г крем шлаг со вкус на ванила. За глазура: 150 г чоколадо за готвење, 4 лажици млеко, 2 лажици масло, 50 г маргарин, малку какао за наросување.
Постапка: ставете го шеќерот во вода и ставете на оган да зоврие, намалете ја температурата, па додајте го нес кафето, а потоа полека додајте го гризот. Варете неколку секунди со постојано мешање додека да се згусне, па додека е топол излејте го во калап, претходно навлажнет со вода.
Плехот е со димензии 24х34 или 35 см, за тркалезен е потребен приближно калап со пречник од 28 см. Смесата распоредете ја рамнимерно и израмнете. оставете да се олади на страна додека го приготвувате кремот.
Ставете 800 мл млеко на оган да се свари. Пудингот и шеќерот изматете ги со 200 мл млеко, да нема грутчиња. Кога ќе зоврие млекото намалете ја температурата и постепено додавајте го изматениот пудинг со постојано мешање додека да згусне (вообичаено варење на пудинг).
СОВЕТ: Бидејќи квалитетот на сите пудинзи не е ист, па така, може да се случи да не ја добиете посакуваната густина, доколку не сте сигурни во изборот на пудингот којшто сте го купиле, најдобро е да додадете уште некоја лажица густин или остро брашно или желатин, за да добиете супер цврст крем.
Пудингот оставете го на страна да се олади со повремено мешање за да не фати коричка или покријте го со проѕирна-стреч фолија. На страна пенасто изматете го путерот омекнат на собна температура, а посебно изматете го крем шлагот според упатството (ставете помалку течност).
Во изматениот путер постепено започнете да го додавате целосно изладениот пудинг (не смее да биде ниту млак), лажица по лажица, а на крај додајте го и шлагот. Оставете го кремот во фрижидер да се олади 1-2 часа, а потоа уште еднаш убаво измиксајте го со миксер.
Добиениот нежен крем нанесете го врз првиот слој од гриз, рамномерно распоредете и израмнете. Одозгора нанесете ја чоколадната глазура (растопено чоколадо со млеко, масло и путер) по ваш избор. Пред послужување колачот добро изладете го. Одозгора наросете какао во прав.
По вкус, наместо со чоколадна глазура, колачот можете да го декорирате со шлаг. Како што споменав во воведот, овој колач може да се прилагодува според вкус. Ако повеќе ги сакате овошните вкусови, тогаш гризот можете да го сварите во 1 литар бистар сок, без додавање на шеќер.
Или пак, во 1 литар зовриена вода можете да додадете некој инстант сок по избор. Како и кај секој гриз колач, првото парче се вади малку потешко од плехот… но подоцна е вистинско уживање. / Сузана / Сооlinarika.com