Неверојатно вкусен и брз рецепт за месо во рерна со состојки кои постојано ги имате во домот. Ова месо е толку многу вкусно, а кога ќе се подготви на овој начин му нема рамен. Многу е сочно и ќе ви стане омилено јадење на вас и вашите најблиски.
Се подготвува исклучително лесно и брзо, само следете ја постапката и правилно дозирајте ги состојките. Одличен рецепт за престојните велигденски празници да се подготви нешто ново, вкусно и сочно.
Потребни состојки: 700 г месо (по ваш избор, најдобро свинско, телешко, јунешко), сол, црн пипер по вкус, 800 г компири, маслиново масло, 1 кромид, 100 г кашкавал, 1 лажичка сенф, 2 лажички мајонез, 2 лажички павлака.
Постапка: Месото се сече на парчиња. Видот на месото одберете го вие во зависност од тоа какво месо практикувате на трпезата вие и домашните. Најдобро е свинско, јунешко, телешко..
Доволни се 700 г месо за да стигне за еден обилен и вкусен ручек. По сечењето, наредете го месото на даска, покријте го со пластична фолија и исчукајте го. По чукањето, тргнете ја фолијата и посолете по вкус со сол и црн пипер од двете страни на месото.
Потоа тргнете го месото настрана и изрендајте ги компирите. Потребни ви се 800 г компири. Обично користам 4 големи компири. Процедете ја течноста од компирите со стискање и процедените и суви компири ставајте ги во подлабок сад.
Откако ќе ги процедите сите компири, посолете со 1 лажичка сол (или повеќе) и промешајте ги да се посолат рамномерно. Во тава за печење додајте малку маслиново масло и размачкајте со четка.
Во намастената тава додајте ги компирите и рамномерно распоредете ги со дрвена лажица по целата површина на тавата. 1 кромид пречете го на покрупни парчиња, а потоа со рацете скршете го колку што можете поситно на полукругови.
Наредете го кромидот во тавата со рендани компири. Откога ќе го наредите кромидот, започнете да ги редите парчињата посолено месо слепени едно до друго во тавата. Јас обично ставам 10 парчиња.
На крајот изрендајте го кашкавалот. Ставете го во подлабок сад, а во него додајте го сенфот, мајонезот, павлаката и промешајте додека да се соединат сите состојки. Во тавата распоредете го добиениот сос по целата површина да има обилно од него, да го прекрие целото месо.
Ставете хартија за печење врз тавата и печете во претходно загреана рерна на 180 степени околу 20 минути во зависност од рерната. Може да прекриете и со дополнителна алуминиумска фолија додека се пече, но и само хартијата за печење е доволна.
Кога ќе се изминат 20 минути, тргнете ја фолијата и печете уште дополнителни 20 минути на истата температура. Потоа оставете уште 2 минути да се подизлади и потоа послужете.
Ова е ручек кој е доста калоричен и многу заситува, а е толку многу вкусен и едноставен што нема да може да одолеете на сочниот вкус. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ. / Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска