Габичните инфекции на кожата се чест здравствен проблем од кој се засегнати милиони луѓе ширум светот. Се манифестираат на различен начин, локализирани се и се наоѓаат на различни делови од телото и во зависност од тоа каде се појавуваат даваат и различна слика, односно начин на манифестирање.

Многу е важно да знаеме како да ги превенираме, соодветно да ги третираме и истите квалитетно да бидат лекувани за да се спречи понатамошно ширење на инфекцијата. Можеби не претставуваат некој претерано сериозен проблем, но го нарушуваат секојдневието и квалитетот на животот.

Некои од манифестациите се: црвенило, пецкање, чешање и слично, кои се многу непријатни, па затоа е важно навремено да ги препознаеме ваквите промени кои се јавуваат на кожата, да се консултираме со стручно лице и да го најдеме најсоодветниот третман и лекување на габичните инфекции.

Како се манифестираат габичните инфекции, зошто се појавуваат, кои се идеалните услови што овозможуваат појава на габични инфекции, која е превенцијата, каков е третманот и лекувањето, одговора д-р Дејан Филиповиќ спец.дерматовенеролог од ЈЗУ Здравствен дом Скопје, поликлиника Бит Пазар, во отворената програма „Визита“ со Билјана Дебарлиева.

Многубројни се и чести кожните проблеми, без разлика за кои станува збор, тие се многу упорни а нивното лекување е долготрајано. Не се животозагро-зувачки, но го нарушуваат квалитетот на животот. Габичните инфекции на кожата влегуваат во оваа група.

-Габичните инфекции се многу чести и афектираат дури 20% од вкупната светска популација, што е една импозантна бројка за оваа инфекција. Многу се чести ваквите инфекции и иако не претставуваат животозагро-жувачки инфекции, сепак претставуваат проблем за луѓето кој е потребно да се третира – вели д-р Филиповиќ.

-Широко се распространети, меѓутоа само неколку видови се патогени по човекот, односно предизвикуваат проблеми или инфекции. Растат на оражнатиот дел од кожата, односно на стратумкорнеумот, најгорниот слој на епидермисот каде се наоѓаат кератиноцитите и изумрените клетки.

Постојат различни предизвикувачи, дел од нив опстојуваат само на човековата кожа, дел на мукозите, а особено сакаат кожа која е влажна и топла, како што е пределот помеѓу прстите на нозете, на рацете, наборите на кожата и секако, на местата каде што кожата се трие една од друга – објаснува д-р Дејан Филиповиќ.

Всушниост габичните инфекции ги нарекуваме дерматомикози и тие ги зафаќаат ноктите, слузокожите и разни други делови на телото како што се: устата, ваги-на-та, пе-ни-сот, хранопроводникот, синусите, а најчести причинители се дерматофитите, квасците и мувлата.

Која е причината, односно ризик факторот кој доведува до појава на габична инфекција? Кои се иделаните услови кои им овозможуваат на инфектите да се појават и рашират?

-Идеалните услови се влажни и топли површини на кожата, меѓутоа од условите кои им годат за ширење на габичните инфекции, односно ризик фактори би споменал неколку: зголемена телесна тежина (вишок килограми), честото користење на антибиотици, дијабетесот, носење на синтетичка облека која не и дозволува на кожата да „дише“.

Потоа, одењето боси под јавни тушеви или јавни базени, оставање на влажна и неисушена кожа после бањање, близок контакт со лице или животни кои веќе имаат габична инфекција.

Дали во појавата на габични инфекции има улога намалениот имунитет или недостигот на некои витамини и минерали, начинот на исхрана, физичката исцрпеност и слично?

-Би рекол дека овие работи немаат влијание кај габилчните инфекции. Всушност, тие можат да бидаат зоофилни, геофилни и антропофилни. Разликата е во воспалителната реакција, односно во начинот на манифестација на кожата. Зоофилните и геофилните дерматофити предизвикуваат силна воспалителна реакција (црвенило, чешање и сл.).

Антропофилните габи обично поредизвикуваат многу поблага реакција. Тоа се оние хифи кои живеат и успеваат само на човековата кожа, додека зоофилните се оние видови кои потекнуваат од животните, меѓутоа можат да го инфицираат и човекот (најчести пренесувачи се домашните миленици).

Геофилните инфекции ги предизвикуваат хифи кои живеат во почвата, но исто така, можат да го инфицираат човекот. Ова се главните предизвикувачи на габнични инфекции кај човекот, а храната и стресот немаат влијание во нивната појава – објаснува докторот.

Постојат испитувања дека постои генетска предиспозиција кога станува збор за габични инфекции, па така некои поединци можеби се почувствителни од другите. Постои една студија во која се вели дека доколку во едно семејство постои еден заболен со габична инфекција, постојат 33% шанси да заболат уште двајца членови од тоа семејство.

-Каква е поврзаноста со долготрајното носење на чевли, изборот на материјалот од кој  се изработени чевлите и хигиената на стапалата – со појавата на габични инфекции?

Секако дека многу е важна правилната хигиена, но голем удел игра и професијата, па така на пример, оние луѓе кои мораат да носат заштитни обувки (ХТЗ опрема) кои предизвикуваат потење на ногата имаат многу поголем пороблем. Меѓутоа ова не е пресудно, а од моето искуство можам да ви кажам дека речиси секој човек може да заболи од габична инфекција.

Кои се најчестите инфекции со кои се среќавате во вашата професија?

Како што кажавме, предизвикувачи се дерматофитите, квасците и мувлата. Дерматофитите опфаќаат поголема група на габични инфекции, односно дерматофитози (кои претставуваат дерматомикози предизвикани од дерматофити во кои припаѓаат габи од групата микроспорум, трихофитон и епидермофитон.

Најчестите инфекции кои се среќаваат кај нас се оние предизвикани од трихофитонот. Тоа се таканаречените „тинеи“. Се класифицираат според локацијата на телото каде се јавуваат. Карактеристичната клиничка слика која се јавува кај овие габични инфекции се: црвена, лушпеста и малку издигната површина на кожата и појава на плускавци (везикули). Оваа „гранична линија“ според која се одредува типот на инфекцијата е присутна кај сите делови освен кај дланките и табаните.

Во праксата најчесто се среќавам со пациенти кои кога ќе добијат било каква промена на кожата, тие започнуваат сами да се третираат и тоа најчесто со мачкање на ракија, што јас лично не го одобрувам ваквиот пристап, бидејќи претходно не е направено лабораториско испитување за утврдување на типот на инфекцијата

Ваквото третирање може да се искористи единствено за дезинфекција на рани. На габичните инфекции не е паметно да се става ракија, бидејќи може само повеќе да се зголеми воспалението или да се влоши самата состојба. Меѓутоа, секогаш првиот изборен лек кај нашиот народ е секогаш ракијата…

Тогаш ние докторите имаме поголем проблем за дијагностицирање, бидејќи се изобличува самата клиничка слика, па тогаш може и ние може да направиме превид и да се изгуби драгоцено време во третирањето и соодветното лекување на габичната инфекција.

Обично пациентите се срамат да кажат што сè правеле и со што сè се обиделе, пред да им се влоши состојбата и пред да побараат лекарска помош, но при детална анамнеза и разговор со пациентот, на крај се дознаваат и ваквите работи.

Какво е лекувањето и третирањето на габичните инфекции?

Терапијата е всушност најлесниот дел од третирањето на габичната инфекција. најпрво мора да се отстрани изворот на зараза. Па така на пример, доколку станува збор за зоофилни предизвикувачи, тогаш тој миленик треба да се отстрани барем на некое време, додека трае терапијата.

Инаку, терапијата се состои од антимикотици кои може да бидат во вид на таблети и локални, односно масти, креми и шампони. Оралните антимикотици се даваат кај потешките клинички случаи кои се резистентни на локалната терапија, кај оние што се упшорни и опстојуваат подолго време (на пример кај дланките, на табаните, на скалпот, на нозете и сл.).

Диодека локалните лекови во облик на масти, креми, раствори и прашоци делуваат многу ефикасно , меѓутоа проблемот со габичните инфекции е тоа што бараат подолготраен третман и упорност во лекувањето, а луѓето кај нас сакаат преку ноќ да го решат проблемот.

Ова особено е случај со инфекција на ноктите од ножните прсти која настанува од случаен удар, кој иако моментно е болен, сепак е краткотраен и набрзо забораваме на него. Но, подоцна, поради долговремено носење на обувки и погодни услови како што е топлина и влага, во повредениот нокт може да се накалеми габична инфекција.

Ваквите инфекции понекогаш е потребно да се третираат дури девет месеци, односно толку е потребниот период за да порасне нов нокт на ногата. Сепак, времетраењето на терапијата е индивидуално. Луѓето честопати знаат, после давањето на терапијата, по 2-3 седмици или еден месец, да се откажат.

Во смисла „нема никаков ефект овој лек што ми го даде докторот, за џабе се мачкам“. И потоа случајот се враќа на почеток. Ако терапијата не е хронолошки контируирана, не вродува со резултати и затоа на почетокот мора да се објасни колку мора да бидат упорни.

ПРАШАЊА ОД ГЛЕДАЧИ

-Имам габична инфекција на прстите од рацете, околу ноктите, поточно само на двата прсти од десната рака (палецот и показалецот) и се забележува искривување на ноктите. Повремено имам црвенило, оток и болка. Што би можело да е причината за ова?

Габичната инфекција, како што претходно споменавме, така и започнува, на едниот нокт. Меѓутоа, кога ќе се занемари и си мислиме дека само од себе ќе помине, тогаш инфекцијата може да се рашири и на другите нокти. Од постојано натопување на рацете во вода, може да дојде до појава на габична инфекција, па мора да се започне со навремено третирање и лекување.

Госпоѓата спомена и задебелување на ноктите, што е еден од знаците за габична инфекција. Овие типови знаат да бидат многу упорни и нивното лекување е долготрајно, за разлика од другите типови на инфекции на кожата кои се полесни за третирање.

-Поздрав до докторот. Имам црвенило под самото грло во вратниот дел. најпрво започна со грепкање а сега целата регија е црвена и многу чеша. Бев кај матичниот лекар кој ми препиша некои масти, но не ми помагаат, постојано ме чеша и многу ме боли бидејќи кожата е многу нежна во овој дел и се јавуваат ранички.

Матичните лекари најчесто даваат комбинирана терапијата која ќе покрие повеќе состојби, меѓутоа поправилно е пациентот да се упати на дерматолог за да се испита лабораториски и да се даде прецизна терапија. Во овој случај, веројатно станува збор за некоја егзема или псоријатична промена, бидејќи според описот и неефикасноста на терапијата, сигурно е дека не станува збор за габична инфекција – заклучува докторот.

Целото интервју со докторот можете да го погледнете во видеото ОВДЕ.