Рецепт на Домашни Рецепти. Подгответе ја оваа торта во три слоеви која е превкусна со цитрусен вкус на портокал. Секој слој е исклучителен и посебен сам по себе, а тортата се подготвува многу лесно и брзо. Базата е многу едноставна и само таа се пече додека го подготвувате преливот – вториот слој.
Интересно е тоа што може да ја подготвите со сок од Фанта или цеден сок од портокал. Изборот го оставаме на вас, а со сигурност ви кажуваме дека ќе уживате во неодоливиот вкус. Фанта тортата е идеална за сите пригоди, родендени или прослави доколку повеќе претпочитате цитрусен вкус отколку чоколаден.
Потребни состојки: 3 јајца, 50 г шеќер, 100 мл млеко, 100 мл масло, 150 г брашно, 12 г прашок за печиво или 1 ќесичка, органска кора од портокал. За прелив: 1 литар млеко, 3 пудинзи од ванила, 7 супени лажици шеќер, 100 г бело чоколадо, 100 г маргарин, ситно сечкани парчиња портокал. За фил: 600 мл сок од портокал или Фанта, 4 супени лажици шеќер, 4 супени лажици нишесте.
Постапка: За подготовка на базата, во сад ставете ги трите јајца и додајте го шеќерот. Мешајте со миксер околу 5 минути додека јајцата и шеќерот добро да се соединат и да се формира кремаста смеса.
Потоа во смесата додајте го млекото, маслото и мешајте уште малку. Брашното се додава на крај постепено заедно со прашокот за печиво и повторно се промешува со жица за матење. Доколку имате органска кора од портокал, изрендајте во сосем мала количина во смесата за базата да добие малку цитрусен шмек.
Во претходно намастена тава (20×30 цм) прелијте ја претходно подготвената смеса преку целата површина на тавата. Печете во претходно загреана на 200 степени околу 25 минути. Со чепкалка проверете дали смесата е одвнатре испечена, а кога ќе фати румена боја кората извадете од рерна и поклопете со памучна кујнска крпа додека го подготвувате филот.
За преливот: Во тенџере претурете го млекото и оставете да зоврие. Потоа додајте ги трите пудинзи и седумте лажици шеќер. Секој прашок од пудинг треба да биде околу 37 г. Повремено мешајте го пудингот додека ја добиете посакувана густина. Кога ќе се згусне пудингот додајте го маргаринот и белото чоколадо и мешајте постојано додека се растопи чоколадото.
Подготвениот пудинг прелијте го врз испечената кора и распоредете го еднакво. Исечете неколку парчиња портокал во форма на мали триаголници, со кора доколку е органска и започнете да ги редите врз преливот од пудинг. Во зависност од големината на тавата, редете ги портокалите еден до друг. Јас наредив пет реда по три портокали во секој ред.
За филот: Во тенџере на оган претурете ја фантата или сокот од портокал. Оставете малку да зоврие, а потоа додајте 4 супени лажици шеќер и 4 супени лажици нишесте. Мешајте постојано додека се згусне смесата, а потоа прелијте ја врз наредените портокали. Распоредете ја смесата подеднакво и оставете тортата да отстои во фрижидер 3 часа. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.