I РЕЦЕПТ. Ако кујната не е вашата омилена просторија и не сакате во неа долго да се задржувате, но затоа пак, уживате во домашните слатки, тогаш овој рецепт за чизкејк е нешто што добро ќе ви дојде. Се приготвува толку многу брзо, што не мора ниту шпоретот да го вклучувате.
Ова е најлесниот чизкејк кој некогаш сте го направиле, а толку е кремаст, со полн вкус, буквално ќе уживате во секој залак…се топи во уста и гарантирано нема да ве остави рамнодушни. Вреди да го пробате!
Потребни состојки за 8-10 парчиња: 150 г бисквити ( 10 парчиња graham crackers) плазма или некои други слатки кекси, 7 лажици растопен путер, 680 г крем сирење, 150-200 г шеќер во прав, 1 лажичка екстракт од ванила, 240 г растопено чоколадо, 480 г путер од кикирики, 120 г шеќер во прав.
Постапка: Ставете ги кексите во пластична зип-кеса и издробете ги со оклагија додека да добиете трошки. Можете да ги сомелите и во машина, но ова е пократкиот начин. Кексите истурете ги во длабока чинија и соединете ги со растопениот путер. Мешајте додека да добиете смеса која наликува на влажен песок.
Распоредете ја смесата во тркалезен калап за торти со обрач и убаво притиснете со нешто одозгора за да се израмни површината. Калапот оставете го во фрижидер за да се стегне смесата. Потоа во друг поголем сад измешајте го крем сирењето со шеќерот во прав и ванилата.
Продолжете со мешањето додека да исчезнат грутчињата (треба да се добие мазен крем). Потоа додајте го растопеното и изладено чоколадо и мешајте додека да се изедначи. Добиениот фил излејте го врз бисквитната подлога и со шпатула израмнете ја површината.
Повторно вратете во фрижидер. Следно што треба да направите: во друг длабок сад измешајте го путерот од кикирики со остатокот од шеќерот во прав, па добиениот фил излејте го врз преку оној чоколадниот. Добро израмнете ја површината со шпатула и тортата оставете ја во фрижидер на ладење 2-4 часа. Деталите можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Чоколаден колач од 4 состојки кој не се пече – за само 20 минути ќе ја добиете најкремастата торта. За само 20 минути ќе добиете совршена кремаста торта со деликатен вкус. Пробајте, нема да се покаете.
Потребни состојки: 250 г мелени плазма кекси, 100 г путер, 400 г нутела или друг лешников крем, 500 г крем сирење (филаделфија, маскарпоне..)
Постапка: Соединете го путерот со една лажица Нутела, па растопете го на пареа или во микробранова печка. Со оваа мешавина прелијте го мелениот кекс. Убаво промешајте за да добиете изедначен смеса. Ставете ја во фрижидер за да излади (полесно се обликува).
Остатокот од Нутела измешајте го со крем сирењето со помош на миксер. Убаво изматете додека да се добие фин, мазен крем. Добиената смеса, исто така ставете ја во фрижидер. Основата за торта извадете ја од фрижидер и рамномерно распоредете ја на дното од калапот за торти.
Добро израмнете користејќи чаша. Одозгора нанесете ја смесата од сирење и чоколаден крем, рамномерно распоредувајќи го врз основата. Оставете ја тортата во фрижидер уште 20-тина минути за да се соединат состојките. Потоа уживајте. / Coolinarika.com