I РЕЦЕПТ и видео презентација на Том Филос – Вкусни, топли пирошки, рецепт кој мора да го испробате. Одлични се за појадок или вечера, а може да ги послужите и како предјадење. Ќе бидете воодушевени од вкусот – гарантирано!
Потребни состојки: 1 јајце, 100 г рендано сирење, 100 г рендан кашкавал, 90 мл млеко, малку сол по вкус, една китка свеж лист од магдонос ситно исечкан, 10 г прашок за печиво (една кесичка) и 330 г брашно
Постапка: Во подлабок сад каде ќе го замесите тестото, скршете едно јајце (претходно отстојано на собна температура), потоа во него изрендајте 100 г сирење и 100 г кашкавал. Додајте 90 мл млеко, малку сол по вкус (во зависност од сирењето колку е солено) и промешајте.
На крај додајте го брашното помешано со прашок за печиво и ситно исечканиот магдонос, претходно добро измиени со ладна вода и исцеден од вишокот вода. Сите состојки добро измешајте ги со рака, па месете ја смесата додека да стане компактна.
Истресете го тестото на работна површина и домесете го убаво за да стане мазно и изедначено. Добиеното тесто поделете го на половини, а потоа и на четвртини, за да може полесно да се развлекува. Секое парче развлечете го со помош на дланките во тенко валјаче.
Валјачињата треба да бидат со дебелина од 1,5-2 прста па сечете ги на помали парчиња. Обликот на пирошките можете и сами да го одберете: ако развлечете тенка кора, можете да сечете долгнавести правоаголници или триаголници, како вам ви е полесно.
Пирошките пржете ги во умерено загреано масло, од двете страни додека убаво да заруменат. Вадете ги во чинија обложена со хартиена салветка за да се апсорбира вишокот маснотија. Послужете ги топли. Деталите од целата постапка можете да ја погледнете ОВДЕ.
II РЕЦЕПТ – Нешто брзо, лесно и едноставно за појадок или вечера – за 15 мин е готово! Фотографија и рецепт на Beti Josi (Klara Boss). Рецептот одамна ми беше запишан во тефтер, па прелистувајќи го, го здогледав и одлучив да го направам.
Токму во вистинско време кога ни требаше нешто брзо, лесно и едноставно за вечера… Потребни состојки: 1 јајце, 200 мл јогурт, 400 г брашно, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сол, 130 г сирење, 130 г кашкавал, 130 г шунка, 1 лажичка оригано и 3 лажици кечап
Постапка: Шунката, кашкавалот и сирењето се рендаат ситно. Од сите состојки се замесува хомогено тесто, кое го развлекуваме во кора на набрашнета работна површина, со дебелина од околу 0,5 см. Кората се сече на коцки.
Веднаш се пржат во загреано масло по неколку минути од двете страни додека убаво да заруменат, па се редат врз хартиена салветка за да се впие вишокот маснотија. Служете ги топли, но вкусни се и кога се изладени, со чаша јогурт, кисело млеко или нешто по ваша желба.
III РЕЦЕПТ – Наједноставниот појадок готов за неколку минути – пирошки со компир. Многу вкусни и едноставни мини пирошки. Може да ги приготвувате од сварен компир, но истиот можете да го искористите доколку ви останало непотрошено компир-пире од претходниот оброк.
Потребни состојки: 750 г компир, 100 г брашно, 1 лажица сув зачин (вегета), 150 г кашкавал, 40 г маргарин/путер, 2 жолчки, мускатно оревче. За похување: презла, јајце, масло за пржење.
Постапка: Компирот сварете го во лушпа, излупете го и испасирајте го. Додајте брашно, зачини, рендано оревче, жолчки и путер. Убаво промешајте и измесете додека да добиете изедначено тесто.
Обликувајте крокети, а во секое втиснете стапче кашкавал. Вака добиените крокети валкајте ги во брашно, па во јајца, па во лебни трошки и пржете ги умерено загреано масло. Може да ги јадете самостојно, но може и како прилог со месо.
VI РЕЦЕПТ – Посни ајварки – Погачици “АЛА ВЕДНАШ ГОТОВИ” за вкусен појадок, вечера или предјадење. Ајварките –погачици се многу вкусни кои се печат во рерна без дополнителни маснотии. Може да г псолужите за појадок или вечера, но интересни да ги сервирате и како предјадење или закусна. Одлични се за време на пост.
За да ги приготвите овие посни погачици, ќе ви бидат потребни следните состојки: 250 г испасиран варен компир, 250 г посен маргарин, 400 г брашно, 20 г квасец, 3 лажици ајвар, ½ китка магдонос, малку шеќер, 1 лажичка сол. По вкус може да додајте и малку ситно сечкани перца од млад кромид или праз, или нешто по вкус. Постапка:
Излупете го компирот, исечете го на крупни коцки и ставете го да се вари во тенџере со посолена вода. Квасецот издробете го во чаша заедно со малку шеќер и малку млака вода. Може да додајте и лажичка брашно. Измешајте убаво за да се растопи шеќерот.
Вака изматениот квасец оставете го на топло место околу 10-тина минути за да се активира и запени. Маргаринот пенасто изматете го со електричен миксер, додајте сол, ајвар и сечкан магдонос. Продолжете да матите додека да добиете изедначена смеса.
Додајте го испасираниот компир и активираниот квасец. Матете доколку имате продолжетоци на миксерот за тесто или продолжете го месењето рачно. Замесете компактно тесто кое не се лепи и од него развлечете кора со оклагија, со дебелина од 2 см. Сечете погачици со чаша и редете ги во плех обложен со хартија за печење.
Секоја погачица премачкајте ја со малку ајвар. Оставете ги погачиците да стасуваат покриени околу 15-тина минути колку малку да нараснат и да станат воздушести, а потоа ставете ги да се печат во загреана рерна на 200 степени додека да заруменат, околу 10-тина минути.