Рецепт и видео презентација на Аурора рецепти – Прелиена полнета погача која не сте ја пробале досега, го споделувам овој рецепт со вас, единствена и преубава погача која можете да ја полните со спанаќ, сирење, “пица” филување, а може да ја оставите и празна, секако е вкусна.

Многу брзо се приготвува и сигурна сум дека ќе ви се допадне. Многу е веројатно (сигурна сум) дека ваква погача досега не сте пробале – наведува Аурора рецепти. Запишете си го рецептот и пригответе ја, нема да се покаете, бидејќи е извонредно вкусна.

Потребни состојки: 250 мл млако млеко, 8 г сув квасец (1 кесичка), 1 лажичка шеќер, 1 јајце, 50 мл растопен путер, 450 г брашно, 1 лажичка сол и сирење за полнење на погачата, околу 100-150 г и едно јајце. За фил: 100-150 мл јогурт и 2 жолчки. По желба кој сака може да нароси и сусам.

Постапка: Во подлабок сад во кој ќе го замесите тестото, најпрво ставете млако млеко, додадете го квасецот и шеќерот. Промешајте за да се растопат состојките, па оставете 10-тина минути на топло место за да се активира квасецот и да запени.

Во стасаниот квасец додадете половина од брашното, една лажичка сол, растопениот путер (а може и масло, но мене ми е повкусно со путер), па на крај додадете и едно јајце, претходно отстојано на собна температура. Промешајте со лажица додека да се соединат состојките.

Кога ќе добиете компактна смеса и меко изедначено тесто, додадете го остатокот од тестото и продолжете го месењето рачно. Добро изработете го тестото додека тоа да стане средно меко, мазно и еластично, кое не се лепи на рацете, а се одвојува од ѕидовите на садот.

Месењето довршете го на набрашнета работна површина со наросување брашно по потреба. Вака измесеното тесто вратете го во садот, покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло место да стасува околу половина час или додека да го удвои својот волумен.

Стасаното тесто истресете го на малку набрашнета површина и не го премесувате, туку со рацете издолжете го и формирајте валјак, за полесно да го пресечете на девет еднакви делови. Секое парче тесто формирајте го во убаво топче, а потоа оставете го на страна.

Потоа земајте едно по едно топче и со помош на оклагија развлекувајте кори исто како за кифли. Во мешувреме пригответе го филот за да биде спремен за полнење на кифлите, а во овој случај тоа е околу 150 г издробено сирење, помешано со едно јајце.

На едниот крај од кората нанесете неколку лажички фил, а на другата страна направете засекувања на 1 см растојание, но не до крај (исто како за кифлите “гасеница”). Потоа внимателно свиткајте ја кифлата. Постапката повторете ја со сите преостанати топчиња тесто.

Кога ќе ги свиткате сите кифли, пригответе тркалезна тепсија и обложете ја со хартија за печење. Наредете ги кифлите во круг, во вид на цвет, така што сите се допираат со едниот крај во средината од тепсијата (погледни ја фотографијата), а сепак има растојание помеѓу нив, бидејќи дополнително ќе нараснат.

Покријте ја тепсијата со проѕирна фолија и оставете 15-тина минути да стаса погача, а потоа направете го преливот. Во 150 мл јогурт на собна температура додадете две жолчки, па добро промешајте и соединете во еднолична смеса. Овој прелив рамномерно истурете го врз погачата.

Ако е потребно завршете и со четка за да бидете сигурни дека преливот навлегол насекаде подеднакво во погачата. За тоа време вклучете ја рерната добро да се загрее на 170 степени, па ставете ја погачата да се пече околу половина час. По желба пред печењето наросете сусам одозгора или семе по ваш избор.

Печената погача извадете ја од рерна и додека е врела испрскајте ја со малку вода. Одозгора ставете алуминиумска фолија и кујнска крпа, па оставете малку да подизлади и да омекне од сопствената топлина. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.