Брусница е повеќегодишна билка која потекнува од Северна Америка и Источна Азија. Растението е грмушесто и може да порасне до 40 цм во висина и 2 м во ширина. За време на зимските денови, листовите стануваат црвени, а плодот е црвена бобинка со киселкаст вкус.
Брусницата вклучува неколку видови на зимзелени грмушки од родот Vaccinium, семејство Ericaceae, од кои најчести се американските (Vaccinium macrocarpon) и европската брусница (Vaccinium vitis-idaea). Плодот на брусницата е црвено тврда бобинка со кисел вкус.
Може да се најде во постудените делови на северната хемисфера, а во 2019 година Македонија беше прогласена меѓу 10 – те најголеми производители на брусница во светот. Брусницата е многу отпорна на студ и може да издржи температура до -40 ° С.
Одгледување и берба на брусница
Брусницата се одгледува во области со постудена клима и за да расте им е потребна влажна, кисела почва. Ако сакате да одгледувате брусница, треба да и обезбедите топлина и сонце. Можете да одгледувате од семиња или садници, а најдобро ќе одговара влажна и кисела почва.
Брусницата расте двапати годишно и зрее во во јули и септември кога е сезоната на берба. Насадите можат да траат повеќе од 30 години. Бобинките на брусницата може да се консумираат сурови, суви, како сок, џем или мармалад.
Медицински својства на брусница
Брусницата е здрава нискокалорична храна, богата со растителни влакна, витамини и минерали, меѓу кои доминираат витамините Ц, А, Е и минералите како калциум, калиум, магнезиум и железо. Богата е со антиоксиданти, на што им должи силни лековити својства. Има антибактериски, антисептички, антиинфламаторни и диуретични ефекти.
На брусницата и се припишуваат многу лековити својства доколку се применуваат во правилна форма и во соодветна доза: помага при инфекции на уринарниот тракт, помага при едем (оток), штити од заболување на непцата, го намалува ризикот од рак, го зајакнува имунитетот, ја зајакнува микробиолошката флора на желудникот и цревата, помага при диспепсија (нарушена дигестија) особено предизвикана од Helicobacter pylori, помага во спречување на кардиоваскуларни заболувања, го намалува нивото на холестерол.
Исто така, позитивно влијае на здравјето на очите, помага во лекувањето на ревматизам и гихт, го намалува шеќерот во крвта, го подобрува квалитетот на косата, кожата, ноктите. И покрај сите овие лековити својства, треба да се внимава кога се консумира брусница.
На повисоки концентрации брусницата има несакани ефекти кај пациенти со бубрежни калцификации. Поради поголема концентрација на оксалат, може да има и лаксативно дејство. Пациентите на терапија со варфарин, луѓето многу чувствителни на салицилати и луѓето кои користат лекови за лекување на простата и опструкција на урина треба да бидат внимателни.
Употреба и лековито дејство на брусница
Медицински делови од брусница се овошјето и лисјата. Почесто се користат плодовите од брусница, кои содржат проантоцијанидини (PAC), антоцијанини, флавоноиди, катехини, органски киселини, јаглехидрати (фруктоза и декстроза), танини.
Најчесто се споменува позитивниот ефект во третманот на инфекција на мочниот меур. Проантоцијанидините имаат најголем ефект, спречуваат лепење на бактериите на ѕидовите на мочниот меур. За подобри перформанси во третманот на инфекции на мочниот меур, се препорачуваат стандардизирани екстракти од брусница кои содржат значителни концентрации на проантоцијанидини.
Докажано е дека додатоците на брусница се успешни затоа што можат да ја намалат потребата од честа антибиотска терапија во третманот на повторливи инфекции на уринарниот тракт и на тој начин да ги намалат контраиндикациите како ваги-нална кандидијаза.
Брусницата е силен антиоксиданс
Многу ин витро и ин виво студии докажуваат дека растението брусница е богато со многу антиоксиданти, па затоа и се припишуваат позитивни ефекти, покрај најпознатиот поврзан со инфекции на уринарниот тракт.
Веќе споменатите фенолни гликозиди и антоцијанини штитат од засилениот ефект на липопротеин оксидаза. Флавоноидите и органските киселини ја намалуваат оксидацијата на ЛДЛ ”лошиот” холестерол, што има најголемо влијание врз кардиоваскуларниот систем. Позитивно влијае на метаболизмот и на имунитетниот систем поради високата доза на антиоксиданти.
Сок и чај од брусница
Листот од брусница најчесто се користи за правење на чај, но може да се најде и мешавина од лисја и овошје. Чајот од лисја од брусница има првенствено антисептички својства, како резултат на повисоката концентрација на фенолни гликозиди. Чајот од брусница содржи помала концентрација на танини, така што може да го користат деца, не помлади од 12 години.
Подготовка на чајот: Во 250 мл зовриена вода, ставете 1 лажичка листови од брусница. Поклопете и оставете го чајот да отстои 15 минути. Потоа процедете и пијте го чајот трипати на ден половина час пред главните оброци.
Инхибиторниот ефект на сокот од брусница врз атхезијата на бактериите се изучува повеќе од 30 години со цел на потенцијална примена во третманот на болести на уринарниот тракт.
Потребна е претпазливост кај луѓе кои имаат предиспозиција за развој на бубрежни камења, а поголеми количини на сок може да резултираат со лаксативно дејство. Исто така и дијабетичарите треба да внимаваат при консумирање на сокот од брусница (купечкиот, кој начесто содржи големи количини на додаден шеќер).
Најдобро е да се подготви свеж сок од брусница, така што добро измиените и избрани зрели бобинки се мешаат и им се додава мала количина вода.
Подготовка на сокот. Потребни состојки: 1 кг брусница, 1,25 л вода, 1 лимон, 300 г шеќер.
Подготовка: Брусниците добро измијте ги, ставете ги во мешалка и измешајте ги со 100 мл вода. Истурете ја содржината во поголема чинија, исцедете го сокот од лимон и додадете уште 1,5 л вода. За време на овој процес, ќе се создаде пена што треба да ја отстраните.
Покријте го садот со крпа и чувајте го на темно и ладно место (по можност во подрум или на тераса) 24 часа. По изминатото време, процедете ја содржината во друг сад. За да го направите ова, користете цедалка што ќе ја покриете со газа.
Сокот ставете го во тенџере да врие на умерена температура околу 15 минути. Можно е пената повторно да се појави, така што ќе мора постојано да ја отстранувате.
Убаво измијте неколку шишиња и стерилизирајте ги во рерна, а потоа претурете го топлиот сок во нив. Затворете ги добро ставајќи прво целофан, а потоа и затка.
Завиткајте ги шишињата во ќебиња и оставете ги 24 часа да се излади сокот. После тоа, чувајте ги во замрзнувач или на некое друго ладно место.
Забелешка: Можете да користите мед или некој друг засладувач наместо шеќер, а доколку е премногу силен сокот, разредете го со малку вода. Сокот може да стои во замрзнувач до две години, но шишето што веќе сте го отвориле мора да се чува во фрижидер и да се испие во рок од една недела.
Брусница за време на бременост
Чајот од лисја од брусница не се препорачува за бремени жени во првите недели и за време на доењето, бидејќи содржи супстанции што предизвикуваат ризик од кр-вавење. Многу студии покажаа дека чајот со овошје и лисја е безопасен за употреба кај бремени жени ако се зема во точна доза и не подолго од 14 дена.
Чајот од брусница е добро да се консумира во последниот триместар за ослободување од едем, настинка и вируси, како благ аналгетик, за да помогне при диспепсија и да го регулира нивото на шеќер.
Терминот суперхрана се однесува на храна која е богата со исклучително високи концентрации на фитонутриенти, активни соединенија во растенијата кои придонесуваат за здравјето на луѓето.
Поради сите наведени лековити и нутриционистички својства, брусницата може да се класифицира во категоријата суперхрана. Производите од брусница се одличен додаток во исхраната за секој, под услов да се земаат во правилна форма и во соодветна доза. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.
Поради своето природно својство долго да остане во свежа состојба, особено преку зима и ладните руски услови, брусницата одамна се нашла меѓу најчесто користените природни состојки од кои се приготвуваат разни народни лекови. Прочитајте следно:
“Пробајте го прочуениот лековит напиток МОРС од брусница за јакнење на имунитетот” – ОВДЕ. “Свежи, замрзнати или во чај: Брусницата и боровинките се најдобрите намирници кои ќе ве спасат од уринарни инфекции” – ОВДЕ.
“Чај од брусница и целер за намалување на високиот крвен притисок – резултати веднаш” – ОВДЕ.