Статистиките велат дека над 90% од жените некогаш во животот се соочиле со проблемот наречен целулит. Не постои жена која е имуна, па дури ни оние со најидеалниот индекс на телесна маса.
За некои жени, бидејќи целулитот не е сериозна состојба и не предизвикува болки, тој не е причина за загриженост, па не се мотивирани да преземат нешто. За други пак, тој е многу голем естетски проблем.
Како и останатите знаци на стареењето, целулитот исто така се контролира со фокусирање на трајно губење на килограмите, одржување на нормална телесна тежина и редовна физичка активност.
Што е целулит и зошто се појавува?
Под целулит се подразбира нецелосно излачување на токсините и масните наслаги на сврзното ткиво, најчесто во пределот на нозете, бутовите, стомакот и рацете. Акумулацијата на токсини го спречува нормалниот проток на крв и лимфа во организмот.
Ваквите промени се видливи (без или со притиснување на кожата) како згрутчувања, дифузни перничиња или ограничени јазли. Настануваат поради вишок масно ткиво, ослабено сврзно ткиво, нарушена циркуларција и размена на материи, губење на еластичноста на кожата, како и од задржување на вода во ткивата.
Овие причини се нужно поврзани со животниот стил (лошата исхрана и седечкиот стил на живот), но и со хормонските промени. Други ризик фактори за целулитот се исто така: неконтролираниот стрес, пушењето, некои автоимуни заболувања, дијабет итн.
Иако можеби изгледа чудно, како стресот може да доведе до целулит, но едно истражување на Европската академија за дерматологија дава податоци според кои е јасно дека целулитот може да биде предизвикан од зголемените нивоа на катехоламини, поради стресот, односно поради високиот кортизол.
Дополнително, неконтролираниот стрес води и кон зголемена телесна тежина, уште еден ризик-фактор за целулит, но и кон намалена продукција на колаген, протеин кој е клучен за здравјето или младешкиот изглед на кожата.
Целулитот е значително почест кај жените во однос на мажите, се јавува со текот на годините, но дури и тинејџерките можат да се соочат со него, бидејќи и тие имаат проблеми со тежината и хормонални промени.
Причините за ова се следни: жените имаат 30% повеќе поткожно масно ткиво од мажите, послабо сврзно ткиво, но и помали количества на тестостерон (машки полов хормон) кој штити од целулитот. Целулитот обично се развива кај девојчиња на возраст од 20 до 25 години, често за време или по бременоста.
За да откриете дали имате целулит, можете да направите едноставен тест: затегнете ја кожата на бутот или на местото за кое се сомневате дека имате целулит, со двете раце, па доколку се појави карактеристичен изглед на ”внатрешни дупчиња”, тогаш тоа значи дека имате целулит.
Дерматолозите разликуваат 4 фази на целулит
Фаза 1 – Прецелитис. Во оваа фаза нема видливи знаци на кожата. Сè започнува со забавување на протокот на к-рвта во капиларите, разредување на вените, што влијае врз циркулацијата на течностите во лимфниот систем.
Фаза 2 – Иницијализација на целулитот. Во втората фаза, токсините почнуваат да се акумулираат, што доведува до отекување на ткивата и намалување на еластичноста на кожата во погодената област. Промените се видливи само кога кожата е збрчкана или за време на напнатост во мускулите, во форма на ”кора од портокал“.
Фаза 3 – Микронодули. Масните клетки се лепат како гроздови, а еластичните прегради на масното ткиво стануваат тврди како лузни. Изгледот на внатрешни дупчиња или кора од портокал станува лесно видлив во која било положба на кожата.
Фаза 4 – Макронодули. Се јавува лимфна конгестија и се забележува едем (оток) во ткивата, циркулацијата е екстремно слаба. Целулитот е веќе видлив без дополнителна манипулација со кожата создавајќи визуелна и ментална непријатност.
Природни третмани за целулит: Насочете се кон здрава исхрана
Истражувањата покажуваат дека трајното намалување на вишокот телесни масти преку практикувањето на она што се подразбира под здравата исхрана и животен стил, во огромна мера помага да се намали и превенира целулитот. Најпогодна храна за намалување и превенција на целулитот:
Ленено семе – одлична храна за здравјето на кожата и за намалување на килограмите. Лененото семе помага и за нормализирање на естрогенот и подобра продукција на колаген.
Користете млака вода при туширање, а на крајот завршете со поливање на телото со млаз ладна вода.
Можеби ова звучи непријатно, особено во зимските месеци кога сакате да се стоплите, но врелата и жешка вода предизвикува вазодилатација т.е. ширење на крвните садови, а тоа е контраиндикација во намалување на целулитот.
Користете тврди четки со дебели влакна – При туширање потребно е да се триете со тврди четки со дебели влакна кои ќе ја подобрат циркулацијата и ќе го подобрат текот на крвта и лимфата.
Храна која помага во хидратација на кожата – дехидратацијата може да води до сува и ранлива кожа, затоа обидете се да јадете повеќе свежа храна која е богата со вода – особено лубеница, диња, краставици, целер, цитрусни овошки, лиснест зеленчук итн.
Храна богата со растителни влакна – свежа храна (овошје и зеленчук), јаткасти плодови, семиња итн. Фиберот помага за чистење на дебелото црево, нè заситува, помага за подобар метаболизам и хормонски баланс. Дополнително, ваквата храна содржи низа антиоксидативни компоненти кои ја штитат кожата од слободните радикали, односно од оксидативни оштетувања (стареење).
Здрава протеинска храна, храна богата со калиум и здрави маснотии – протеини од јатки, мешунки, семиња и риба. Отстранувањето на вишокот течности од клетките помага за намалување на целулитот.
Пијте доволно вода и избегнувајте препроцесирани производи – Водата има повеќенаменски благодети. Потребно е да се пие многу вода во текот на денот за да останеме свежи и хидрирани, но водата може да ја консумираме и преку храната како што е лубеницата, краставиците, дињата и зелената салата.
Многу е важно да се пие доволно вода, да се избегнуваат препроцесираните производи богати со шеќер, заситени маснотии и сол. Не само што ваквата храна е полна со празни калории и ќе придонесе за зголемување на масните наслаги, туку шеќерот предизвикува и задржување на течностите во ткивата (исто како и солта) и воспалителни процеси. Сето ова значително го зголемува ризикот за појавување на целулит.
Користете кокосово масло – Може да го користите за масажа, а ова масло ги обновува клетките и ги отстранува десквамираните клетки.
Пијте зелен чај – Зелениот чај е моќен антиоксиданс. Доколку пиете само една чаша секое утро, ќе има позитивно влијание врз вашиот организам, а исто така помага и во отстранувањето на целулитот.
Консумирајте босилек, ѓумбир и готу кола – Босилекот ја забрзува циркулацијата и метаболизмот. Може да го пиете како чај или со маслото од босилек да се масирате на местата на кои има целулит. Ѓумбирот може да го изблендирате и да го консумирате во комбинација со мед и лимон.
Готу колата е билка која доаѓа од азискиот дел, а целулитот го уништува после неколку дена. Се користи во вид на тинктури, масла или чај. Повеќе за готу колата може да прочитате ОВДЕ.
Консумирајте што повеќе ликопен – Ликопенот е моќен природен антиоксиданс кој се наоѓа во доматите и лубениците. Тој ја штити кожата и помага во борбата против целулитот.
Бидете физички активни – Заедно со подобрувањето на исхраната и физичката активност е најдобриот сојузник и во борбата против целулитот. Секако, бројни се и другите бенефити од редовната физичка активност.
Иако подолгите кардио вежби со умерен интензитет ќе го забрзаат метаболизмот и значително ќе придонесат во слабеењето, сепак поинтензивните вежби (како брзото одење или прошетките во комбинација со тежински вежби) се поефективни во справувањето и превенирањето од целулитот.
Затоа кога станува збор за справувањето и превенцијата од целулитот, применувајте кратки побрзи интервали или тежински вежби при редовните прошетки. Дополнително, практикувајте и вежби со сопствената тежина, како склекови, стомачни склекови, сквотови итн.
Редовно практикувајте масажи – Масажите можат да го намалат целулитот преку подобрување на лимфната дренажа. Исто така, можат да помогнат во растегнувањето на кожното ткиво. Некои есенцијални масла можат да имаат дополнителен бенефит, но клучни се самите масажи. За да има ефект, потребно е масажите да бидат почести. Масажите можете да ги практикувате дома или во професионално студио за масажи.
Пилинг од кафе – Истражувањата велат дека пилингот од кафе може да помогне во третманот на целулитот на повеќе начини. Се смета дека кофеинот од кафето може да помогне за дилатација на крвните садови (проширување на крвните садови и подобра циркулација) и да го намали појавувањето на карактеристичните целулитни дупчиња. Кожата исто така може да биде постегната од стимулирачкиот ефект на кофеинот, поефикасно елиминирајќи го вишокот вода.
Кафето е богато и со антиоксидативни компоненти кои придонесуваат за здравјето на кожата. За време на туширањето, направете пилинг од кафе и оставете да делува околу 15 минути, а потоа само нежно исплакнете. Оваа рутина практикувајте ја два до трипати неделно.
Чувајте го талогот од кафе и користете го за масажа на местата кои патат од целулит, а уште поголема ефикасност може да комбинирате талог од кафе со половина чаша мед или јогурт/кефир. Добиениот пилинг мачкајте го на погодените места од целулит и за многу кратко време ќе имате помазна и позатегната кожа.
Лушпа од бршлен против целулит
Користете бршлен, растение кое цвета дури во пролет, за да подготвите лек против целулит. Земете 300 г од растението и варете го во 1,5 л вода. Лушпата се добива со варење на смесата на многу тивок оган околу два часа. Во вид на компреса ќе нанесете на местата погодени од целулит.
Можете да го направите навечер пред спиење, но најдобрите ефекти ги добивате доколку ја промените лушпата во одредено време. Потребно е да се менува на секој еден до два часа. Последните компреси оставете ги да делуваат преку ноќ.
За максимална ефикасност, повторете го дејството трипати неделно, а резултатите ќе бидат видливи за 3-4 недели.
ПРИРОДНО АНТИЦЕЛУЛИТНО МАСЛО СО МЕД
Од мешавина од неколку лажички мед и 100 мл маслиново масло можете да подготвите многу ефикасно природно антицелулитно масло. Масирајте ги областите погодени од целулит колку што е можно почесто за максимална ефикасност. Текстот за НМД.мк го напиша Мартина Христовска.