Кога станува збор за слави, родендени и прослави, она што најмногу ја краси трпезата се токму разновидните ролати и ситнте залак-закуски, бидејќи се најбарани и први се потрошуваат. Ова е еден таков, многу вкусен ролат. Досега на НМД беа претставени бројни ролати, посни или масни, а овој пат ви претставуваме варијанта на ролат од спанаќ и печурки.
Ролатот со спанаќ е класик над класиците во македонската кујна и пошироко, и речиси секогаш е присутен за било каква пригода. Пред вас е проверен и детален рецепт проследен со фотографии и постапка за приготвување.
Потребни состојки: 300 г спанаќ, 3 јајца, 200 г крем сирење, 200 г печурки шампињони, 2 главици кромид, 1 супена лажица кисела павлака, 2 супени лажици брашно, малку рендан пармезан (или друго тврдо сирење/кашкавал), масло за пржење, сол и црн пипер по вкус.
Подготовка: Направете го филот: Кромидот пропржете го на загреано масло додека да застакли и добие златна боја, а потоа додадете ги тенко исечените шампињони. Оставете да се динста 10-тина минути додека да испарат течностите.
Кога запржените печурки со кромидот ќе се оладат, додадете една лажица кисела павлака и зачинете со сол и црн пипер по вкус. Промешајте за да се изедначат зачините. Спанаќот сварете го во зовриена солена вода. Доволни се само неколку минути колку тој да омекне.
Потоа спанаќот ставете го во ладна вода за да ја сочува зелената боја (или наросете го со малку лимонов сок), а потоа ставете го врз цедалка за да се исцеди од вишокот вода. Одделете ги белките од жолчките. Изматете ги белките во црвст и густ снег, со додаток на прстофат сол.
Изматете го спанаќот во блендер заедно со жолчките, брашното и една супена лажица крем сирење. Добиената зелена смеса од спанаќ постепено додавајте ја во цврстиот снег од белки, па промешајте со лажица или шпатула додека да добиете изедначена смеса.
Обложете го плехот со хартија за печење и нанесете ја смесата, но обидете се да формирате правоаголна форма, во рамномерен слој. Ставете да се пече 15-20 минути во рерна, претходно загреана на 190 ° С. Испечената кора наросете ја одозгора со рендан пармезан или кашкавал по ваш избор.
Покријте ја печената кората со друго парче хартија за печење и превртете ја брзо. Потоа отстранете ја хартијата на која се печеше. Тестото премачкајте го со крем сирење преку целата површина. Потоа нанесете го и рамномерно премачкајте го филот со печурки.
Внимателно свиткајте го ролатот. Цврсто завиткајте ја ролната во проѕирна фолија и ставете ја во фрижидер неколку часа. Ако ролатот го подготвите ден претходно, најдобро е да го оставите да отстои преку ноќ, а дури потоа да го исечете на парчиња. / uspesnazena.com