Омилената намирница од детството, плазма кексите кои се топат во уста и имаат оригинален, совршен вкус, овојпат е совршена состојка и во оваа чоколадна торта. Самата торта се состои од три делови и тоа: кора, чоколаден намаз и дури два фила и завршен дел.
Исто како што се Чоколиното или Манчмалоуто, плазма кексите се една од омилените ретро намирници. Овој убав и хранлив кекс некако успеа да надживее неколку десетлетија, а поради специфичниот рецепт и компактниот облик, го засакаа и големи и мали.
Плазма кексите се создадоа некаде во 1970-тите и на неколку наврати ја менуваа амбалажата, додека вкусот и составот си остана ист. А, овој рецепт на “Домашни рецепти” кој се состои токму од плазма кекси и чоколадо, ќе ви предизвика носталгични емоции.
За да ја приготвите оваа торта ќе ви бидат потребни следните состојки за кора: 4 белки, 100 г шеќер, 30 мл вода, 60 г мелени ореви, 50 г брашно и 10 г прашок за печиво (една кесичка).
За фил ќе ви бидат потребни следните состојки: 4 жолчки, 1 литар млеко, 120 г пудинг од ванила, 10 лажици шеќер, 250 г путер, 150 г шеќер во прав, 200 г чоколадо, 200 г плазма кекси мелени.
Чоколадниот прелив за кората се приготвува од 100 г чоколадо и 30 мл млеко.
Постапка: веднаш вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени, бидејќи кога ќе се стави кората да се пече, треба да е добро загреана. одвојте ги белките и жолчките во посебни садови, па белките пенасто изматете ги и постепено додавајте им 100 г шеќер.
Матете додека да добиете цврст и сјаен снег, а шеќерот целосно да се растопи. Потоа додадете ја водата и уште малку изматете. Во посебен сад измешајте ги сувите состојки: брашното, прашокот за печиво и мелените ореви. промешајте со лажица додека да се изедначи смесата.
Мешавината од суви состојки додадете ја во изматениот снег од белки и внимателно промешајте додека да се изедначи смесата, но сепак да остане воздушеста и пенлива. целата смеса излејте ја во калап 24 см, претходно намастен и набрашнет со малку брашно или пак, обложен со хартија за печење.
Рамномерно распоредете ја смесата и израмнете, па ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 15 до 20 минути, во зависност од рерната. Додека се пече кората имате време да го приготвите филот.
За фил: во еден сад измешајте 120 г прашок за пудинг, 10 супени лажици шеќер и 4 жолчки, па додадете 200 милилитри млеко, а остатокот, 800 милилитри млеко ставете ги во тенџере на оган. Смесата со пудингот добро измешајте ја за да нема грутчиња и шеќерот да се растопи.
Кога млекото ќе зоврие намалете го огнот или потргнете го тенџерето на страна, па постепено додадете ја смесата со промешаниот пудинг и мешајте постојано додека да се свари и кремот да згусне. Варете на потивок оган уште неколку минути, додека пудингот да се свари.
Тргнете го сварениот пудинг на страна и поделете го на два дела. Во едниот дел веднаш додадете 200 г искршено чоколадо и мешајте додека тоа да се растопи и соедини во едноличен крем. Вториот дел од кремот оставете го да се лади со повремено промешување за да не фати коричка.
Исто така, би можеле да го покриете и со проѕирна фолија наместо да го мешате, како превенција од формирање на коричка. Сега е време за приготвување на вториот слој од филот: Оставете го путерот да омекне на собна температура. Користете вкусен млечен и несолен путер.
Омекнатиот путер пенасто изматете го заедно со 100 г шеќер во прав, со помош на електричен миксер. Кога смесата ќе стане кремозна и еднолична, преполовете ја два еднакви делови. Во првиот дел додадете го кремот од ванила (без чоколадото) и издробени плазма кекси.
Во вториот дел додадете го кремот кој претходно го помешавте со чоколадо. Ако случајно смесата во која додадовте плазма кекси ви се чини за прегуста, тогаш во неа додадете малку млеко за да омекне, но не премногу. И оваа смеса оставете ја убаво да се олади.
За тоа време можете да го приготвите чоколадниот прелив за кората. Овој прелив на кората и дава сочност и ја претставува базата за премачкување на филот. За брза подготовка на овој прелив ќе ви бидат потребни 100 г чоколадо и 30 мл млеко.
Едноставено растопете ги на пареа, на многу тивок оган или во микробранова печка. Растопената врела смеса прелијте ја рамномерно преку печената кора и оставете малку да подизлади. Потоа рамномерно распоредете го филот со плазма кекси и израмнете.
Врз овој фил рамномерно распоредете го чоколадниот фил, па и тој израмнете го. И за крај ќе ви остане декорирање на тортата. Тоа може да обичен шлаг со рендано чоколадо или ситно сечкани ореви, по желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.