Рецепт и видео презентација на Кујната на Шеќерко – Домашна погача. Ова е рецепт за тоа како да си направите најлесно една домашна погача која е многу вкусна и мека како памук. Ја нарекуваат уште и “лепиња”, “етно”, “селска” или “кафеанска” погача.
Пробајте и направете ја и вие, ќе бидете презадоволни од резултатот. Навистина постапката е многу едноставна и секој може да ја направи. Рецептот е одличен, па кога ќе ви тргне, може да се случи секој ден да ја правите, затоа што несомнено, домашните ќе ви ја бараат.
Постојат неколку клучни моменти во приготвувањето и треба да држите до нив ако сакате погачата да ви биде вака успешна и мека како памук, а тоа е солта да не ја додавате заедно со квасецот, туку отпосле, и тестото мора да отстои, еднаш по половина час и уште двапати по 15 минути.
За да приготвите оваа вкусна погача ќе ви бидат потребни следните состојки:
200 мл млака вода, 12 г свеж квасец (околу третина или четвртина од коцката), половина лажичка шеќер, 380 г брашно тип 400, половина лажичка сол и малку масло.
Ако немате свеж квасец ставете 1 кесичка сув.
Постапка:
Во еден длабок сад ставете 200 мл млака вода и издробете 12 г свеж квасец (ако немате свеж, ставете сув квасец). Додајте половина супена лажица шеќер, па убаво промешајте со лажицата за да се растопат шеќерот и квасецот и да нема грутчиња.
Во мешавината додајте 380 г брашно и промешајте со лажицата додека брашното да ја впие течноста и да се добие изедначена, малку леплива смеса.
Потоа земете со рака да го обработите тестото. Тестото е потребно да се меси 10 минути за од него да се ослободи глутенот и да стане еластично.
Не е потребна којзнае каква умешност во месењето, само потребно добро со прстите да се изгмечи за да се соединат состојките и тоа да стане компактно.
Малку тестото е меко и лепливо, но не грижете се, такво треба да биде, за подоцна да биде воздушесто.
Пред крајот додајте половина лажица сол. Солта можете да ја додадете и заедно со брашното, но и вака откако ќе го замесите брашното, бидејќи на тој начин ќе спречите да се стопира квасецот во неговата активација.
Понекогаш тестото не е успешно токму поради оваа грешка.
Значи, солта не ја додавајте на почетокот заедно со шеќерот, туку отпосле, па уште малку замесете го тестото за да ја прими солта рамномерно.
Вака добиеното тесто истресете го на набрашнета работна површина, па месете го уште малку колку да се формира топка.
Вратете го во чист сад, покријте го со памучна крпа или проѕирна фолија (кеса) и оставете го на топло место да стасува околу половина час додека да го удвои својот волумен.
По изминатото време премесете го малку, без многу да го гмечите, само нежно поминете го малку со прстите.
Покријте го по вторпат со крпа или најдобро со проѕирна фолија и оставете да се одмори уште 15 минути.
По изминатото време, тестото уште малку ќе нарасне и сè уште ќе остане меко и малку лепливо, но не премногу. Наросете го со прстофат брашно.
Со прстите внимателно одвојте го од ѕидот на садот во кој стасуваше, па целата топка подигнете ја во дланката и спуштете ја во тепсијата во која ќе се пече.
Тепсијата претходно треба да ја обложите со хартија за печење и да ја наросите со прстофат брашно.
Со прстите и дланките малку развлечете ја и формирајте ја погачата, но притискајте премногу силно. Таа и натаму треба да биде мека.
Одозгора премачкајте ја со малку масло со помош на четка преку целата површина, а ова на кората ќе и даде убава боја и крцкавост.
Покријте ја погачата со проѕирна фолија и оставете ја да стасува уште 15 минути. За тоа време таа ќе го зголеми својот волумен и ќе стане воздушеста.
По изминатото време отстранете ја фолијата (или кесата), па тенку преку површината засечете паралелни линии.
Откако ќе ја засечете на квадрати, ставете ја во добро загреана рерна на 220 степени да се пече 18 минути.
Ова беше потребното време за да се испече нашата погача, а вие следете го печењето и прилагодете го според вашиот шпорет, додека убаво да зарумени одозгора.
За време на печењето таа дополнително ќе го зголеми својот волумен, а кога ќе зарумени извадете ја на решетка и испрскајте ја со малку вода (најдобро е да се испрска со распрскувач, а ако немате, тогаш со рака, со ситни капки). Покријте ја со памучна крпа.
Вака нека отстои 15 минути додека да омекне од сопствената топлина и водената пареа. Потоа погачата е спремна да се послужи. Можете да ја кршите со раце. Сте детали околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.