РЕФОРМ ТОРТА – толку едноставна подоготвка, а толку вкусна, за сладокусците на чоколадото. Фотографија и рецепт на Милена Ѓурѓевиќ, а видео прилог за вториот рецепт е на Александра од Моја Мала Кујна – Реформ торта, една од најубавите старински торти.
Според величината на тортата која сакате да ја направите, сразмерно ги зголемувате јајцата и останатите состојки. Тортата се прави во тркалезен калап, но најлесно за сечење и послужување е доколку се приготви со правоаголна форма а корите се печат во плех.
За плех со средна величина: Се прават 4 кори од 5 белки кои се матат со 5 лажици шеќер, па со лажица со додаваат и мешаат 8 лажици ореви. Секоја кора се пече на 180 степени околу 20 минути. Може да испечете и две кори од по 10 белки, па да ги пресечете на половина и да добиете четири.
За фил: 20 жолчки се матат со миксер заедно со 400 г шеќер и се варат на пареа додека да згуснат. Се трга од оган и се додава 300 г чоколадо и се меша убаво да се соедини. Кога ќе излади се соединува со 300 г пенасто изматен путер.
РЕЦЕПТ ОД ВИДЕО ПРИЛОГ СО 12 ЈАЈЦА на Александра од Мојата Мала Кујна “Торта Реформа”. Доколку ја следите постапката чекор по чекор, можете да ја приготвите оваа одлична старинска, а превкусна торта, па и доколку сте почетник во кујната. нема да погрешите.
Потребни состојки: 12 белки, 250 г шеќер, 300 г мелени ореви. За фил: 12 жолчки, 150 г шеќер, 150 г чоколадо за готвење, 200 г путер, арома рум или рум. За чоколадна глазура: 150 г чоколадо за готвење, 60 г путер и околу 100 г ореви за декорација.
Постапка: од јајцата кои претходно отстојале на собна температура одвојте ги белките и жолчките во посебни садови. Белките пенасто изматете ги со постепено додавање на шеќерот додека да добиете цврст снег. матете со елетричен миксер додека шеќерот целосно да се растопи.
Додадете 300 г мелени ореви и лесно промешајте со лажица за да остане воздушесто. Смесата поделете ја на два еднакви делови (за да испечете две големи кори кои подоцна ќе ги пресечете и ќе добиете 4 кори). Смесата рамномерно распоредете ја во плех со димензии35х30 см или приближна величина.
Плехот е потребно претходно да го обложите со хартија за печење. Израмнете ја убаво смесата и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу15- 20 минути. Откако ќе се испече едната кора, извадете ја од рерната и плехот, па повторете ја постапката и со втората кора.
За тоа време пригответе го филот: пенасто изматете ги жолчките со шеќерот, најдобро на помала брзина и подолго, за да може шеќерот да се растопи. Потоа сварете ги на пареа околу 20 минути додека да добиете кремозна смеса. Додека е топол кремот додадете искршено чоколадо.
Мешајте ја смесата додека чоколадото целосно да се растопи и изедначи во кремот. Оставете го на страна целосно да се оллади, па потоа соединете го со омекнатиот путер на собна температура и заедно измиксајте ги за да се соединат. Филот додавајте го во путерот лажица по лажица.
Во овој крем по желба може да додадете и рум за вкус. Филот добро изматете го со миксерот за да се соединат сите состојки. Корите исечете ги на четири делови. Земете една кора и ставете ја на тацна за послужување. Добиениот фил поделете го исто така на четири делови.
Врз првата кора нанесете четвртина од филот, рамномерно распоредете и израмнете. На ист начин филувајте ги преостанатите кори редејќи една врз друга, а одозгора прелијте со чоколадна глазура или украсете по желба. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видео прилогот ОВДЕ.