I РЕЦЕПТ – Најевтина но највкусна бајадера: без миксер, без рерна, готова за 20 минути. Многу вкусна, а брза бајадера. Потребни состојки: 9 лажици вода, 200 г шеќер, 150 г мелени ореви, бадеми или лешници, 250 г мелени бисквити, 170 г путер, 100 г чоколадо за готвење.
За глазура: 100 г чоколадо за готвење и малку масло. Постапка: Во едно тенџере ставете вода и шеќер на тивок оган додека шеќерот целосно да се растопи. Додадете го путерот, тргнете го садот од оган за да не прегори и мешајте додека и тој да се растопи.
Кога путерот целосно ќе се растопи, додадете ги оревите и бисквитите, па мешајте додека да добиете густа изедначена смеса. Добиената смеса поделете ја на два еднакви делови. Чоколадото растопете го на пареа и додадете го во едната половина од смесата.
Во вториот дел додадете малку екстракт од рум, доколку сакате. На тацна за послужување ставете масна хартија, па нанесете го првиот дел од смесата (со чоколадото) и со помош на рацете обликувајте правоаголна форма. Горниот дел и аглите измазнете ги со нож.
Врз првиот слој, на ист начин нанесете ја и втората смеса, па исто така израмнете ја. Доколку сакате, можете бајадерата да ја формирате со три слоја: половина од темниот – светлиот – втора половина од темниот слој.
Остатокот од чоколадото растопете го на пареа, во него додадете малку масло и прелијте го одозгора. Бајадерата оставете ја во фрижидер да се стегне, па следниот ден исечете ја на коцки или штангли, со големина по ваша желба.
II – РЕЦЕПТ – Посна ЛЕШНИК БАЈАДЕРА – повкусна од оригиналната. Фотографија и рецепт на Марина Спасојевиќ. Потребни состојки: 500 г шеќер, 150 мл вода, 200 г мелени бисквити/посни, 150 г мелени лешници, 250 г посен маргарин/путер за мрсна, 100 г чоколадо и 1 лажица арома рум.
За глазура: 100 г чоколадо, 3 лажици масло и малку маргарин/путер. Постапка: Во еден сад ставете шеќер и вода, загрејте, па кога ќе проврие варете уште 4-5 минути. Шеќерниот сируп би требало да има густина на мед. Тргнете го садот од рингла, па ставете цел маргарин (од 250 г) или путер исечен на листови.
Мешајте додека целосно да се растопи. Додадете ги мелените бисквити и мелените лешници додека сирупот е уште врел. Изедначете ја смесата (ако е премногу густа, додадете 1-2 мали лажички врела вода и промешајте). Смесата поделете ја на два еднакви дела.
Во едната половина додадете чоколадо и лажица рум. Во помал калап 16х26 см обложен со хартија за печење, ставете го чоколадниот слој. Израмнете, па одозгора распоредете ја светлата смеса. Убаво израмнете и оставете бајадерата добро да се олади.
За глазура: на тивок оган или на пареа растопете го чоколадото со малку масло и путер, па откако ќе се соединат во течна и сјајна глазура, прелијте ја преку изладената бајадера. Почекајте глазурата целосно да се стегне, па со остар нож сечете на помали штангли.
III РЕЦЕПТ – Бајадера од кикирики, преубава, посна, лесна за правење и многу вкусна. Фотографија и рецепт на Драган Страшеноски. Рецептот за оваа прекрасна бајадера го објави нашиот драг пријател, почитуваниот Драган Страшеноски, во групата НМД рецепти.
Потребни состојки за основа: 750 грама посни бисквити, 500 грама несолени печени кикиритки, 450 грама шеќер, 300 милилитри вода, 2 ванилин шеќер, 250 грама маргарин кристал. За глазура: 200 грама посна чоколада за готвење, 100 грама маргарин кристал, 2 супени лажици масло, 200 грама карамел гел (онаа за трилеќе).
Постапка: Водата, шеќерот и ванилиниот шеќер да зовријат. Се додава маргаринот да се растопи и потоа се додаваат мелените бисквити и мелените кикирики. Се меси добро и се расплескува во калап. Глазура: Сите состојки на оган да се стопат и да се соединат. Потоа се прелива бајадерата и се става на ладење. Откако ќе се олади, се конзумира со уживанција.
IV РЕЦЕПТ – Прекрасна ПОСНА КОКОС БАЈАДЕРА: Едноставна за правење, декоративна и вкусна, без печење. Еве уште еден посен колач со бисквити и кокос, погоден за посни слави славски трпези. Потребни состојки: 300 г шеќер, 200 мл вода, 250 г маргарин, 300 г мелени посни бисквити, 100 г кокос.
За глазура: 100 г бело посно чоколадо, 3 лажици масло. Постапка: Шеќерот и водата ставете ги во мало тенџере, па кога ќе проврие варете уште 3-4 минути. Додадете го маргаринот и мешајте додека да се растопи. Потоа додадете ги мелените бисквити и кокос, па убаво промешајте додека сите состојки да се изедначат.
Добиената смеса излејте ја во плех (приближно 40х30 см) обложен со фолија и оставете да се стегне. Од половина од оваа смеса можете да направите топчиња и да ги валкате во мелени бисквити на пример. На пареа растопете го чоколадото со масло, па прелијте ја бајадерата. Кога ќе се стегне исечете ја на штангли. Бајадерата можете да ја прелиете и со бел фондан направен од шеќер во прав и малку вода.
V РЕЦЕПТ – Кикирики бајадера – ситен колач идеален за сите слави и прослави – брзо се прави и има одличен вкус. Рецепт и видео прилог на Домашни Рецепти – Кикирики бајадера. Ова се уште едни ситни колачи кои се омилени и секогаш ги правиме за сите видови прослави и празници.
Бајадерата многу брзо се прави и може да се приготви во посна или млечна верзија, во зависност од видот на чоколадото што ќе го користите. Под пишаниот рецепт можете да го погледнете и видеото. Потребни состојки: 180 мл вода, 180 г шеќер, 75 г путер/маргарин, 200 г кикирики, 250 г мелени бисквити, 80 г црно чоколадо, 100 г бело чоколадо. За глазура:, 120 г црно чоколадо, 2 лажици масло.
Постапка: Изрендајте го црното чоколадо или искршете го на коцки, па додадете вода и шеќер и загревајте додека да се растопи. Кога ќе зоврие додадете го и путерот, па промешајте и тој да се растопи. Тргнете од оган и додадете ги кикириките и 200 г мелени кекси.
Соединете ја смесата и поделете ја на два дела. Во едниот дел ставете рендано чоколадо, а во другиот преостанатите 50 г мелени кекси и соединете. Во плех или калап ставете хартија за печење и излејте ја целата светла смеса и израмнете (можете да си помогнете со дното од чаша, погледни видео).
Растопете го белото чоколадо на пареа или во микробранова печка, па со него премачкајте го првиот слој. Веднаш ставете го во замрзнувач да се стегне 5-10 минути. Извадете го колачот од замрзнувач, па одозгора рамномерно нанесете го чоколадниот дел, па и него израмнете го (повторно со чаша).
Глазурата веднаш се прави: измешајте чоколадо и масло и ставете во микробранова печка или растопете го на пареа или на многу тивок оган. Прелијте преку бајадерата и наросете со кикирики. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
VI РЕЦЕПТ – Бајадера за само 25 минути: се топи во уста – проверен рецепт. За оваа вкусна бајадера користев проверен рецепт според кој ја правам веќе со години. Направена на овој начин, домашната бајадера има префин вкус и совршена рамномерност меѓу сочноста и мекоста.
Брзо и едноставно се приготвува, за само 25 минути, секако, ако не се смета и времето за ладење. Смесата која е на база на бисквити и ореви ја правев со вода и посен маргарин за посна варијанта, а секако, може да се приготви и со млеко или путер по избор.
Но, посната бајадера има подолг рок на траење, а ќе им одговара и на оние кои сакаат да си ја приготват за својата посна слава. Потребни состојки: 200 мл вода или млеко, 250 г маргарин или путер, 200 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 400 г мелени бисквити, 300 г мелени ореви, 100 г чоколадо за готвење.
За глазура: 150 г чоколадо за готвење и 6 лажици масло. Посапка: Во тенџере на оган ставете ја водата, шеќерот, маргаринот исечен на помали парчиња и ванилин шеќерот. Сите состојки се загреваат на умерена темепратура за да се растопат и соединат. Потоа се трга на страна.
Во подлабок сад се ставаат мелените бисквити, мелените ореви и се мешаат. Во сувите состојки се прави мало вдлабнување во кое постепено се додава течната мешавина. Се меша додека да се добие изедначена смеса која потоа се дели на два еднакви делови. Се крши чоколадото и на тивок оган се растопува.
Потоа се додава во едниот дел од смесата и се меша додека да се соедини. Плех со димензии 35х20 малку намастете го со масло. На дното прво го нанесуваме темниот чоколаден слој кој добро се натапкува си раце и се израмнува. Потоа се нанесува светлиот слој, па и тој исто така, рамномерно се распоредува врз црниот, се натапкува и измазнува одозгора.
За глазура: Искршено чоколадо се става на тивок оган или се загрева на пареа да се растопи заедно со 6 лажици масло. Потоа ја прелеваме рамномерно врз бајадерата. Се остава преку ноќ во фрижидер да се стегне пред сечењето и послужувањето. Се сече на правоаголници 4х2 см или по желба.
VII РЕЦЕПТ – Баунти бајадера – без печење, се приготвува многу, многу брзо. Баунти бајадерата без печење е готова за многу кратко време и со малку ладење е готова за послужување. Може да се сече и во коцки и во штангли, по ваша желба. Сигурна сум дека ќе уживате во ова слатко задоволство. За сите љубители на кокосот.
Потребни состојки: 300 г мелени бисквити, 200 г црно чоколадо, 200 мл млако млеко (за посно: оризово или бадемово млеко). За фил: 500 мл млеко (за посно: оризово или бадемово млеко), 100 г шеќер, 80 г гриз, 170 г кокос. За глазура: 150 мл слатка павлака и 150 г црно чоколадо.
Постапка: Ако ја приготвувате посната варијанта користете посни бисквити и оризово или бадемово млеко, а глазурата направете од црно чоколадо и малку масло. Измешајте мелени бисквити и изрендано чоколадо. Полека долевајте млеко и месете.
Смесата за кота распоредете во калап 30 х 20 см или во помал ако сакате колачот да ви биде повисок. Само не го ставајте во поголем од овој, зошто колачот ќе излезе многу тенок. Истресете ја смесата, па со дланката притиснете насекаде подеднакво. Млекото со шеќерот ставете го на оган да проврие.
Потоа додадете го гризот и мешајте додека малку да згусне. Кога ќе згусне како пудинг тргнете го од оган па додадете го кокосот и мешајте. Кокосот дополнително ќе ја стегне смесата. Тргнете од оган, малку изладете да не биде врело, па лажица по лажица ставете ја смесата врз кората и израмнете со шпатула.
Загрејте ја слатката павлака и искршете го чоколадото. Со врелата слатка павлака прелијте преку чоколадото и мешајте додека целосно да се растопи и соедини. Прелијте преку филот од кокос и оставете убаво да излади и да се стегне, а потоа сечете ги штанглите.
VIII РЕЦЕПТ – Посна сникерс бајадера – брзи, ситни, посни колчиња. Оваа посна бајадера исчезна додека да трепнеш! Кикириките малку повеќе ги испржив па доби поинтензивен вкус и сите дома почнаа да ја разграбуваат. Сабајле кога стана син ми од спиење и праша каде е бајадерата, не му се веруваше дека ја нема.
Потребни состојки: 200 г шеќер, 150 мл вода, 125 г маргарин, 100 г посно чоколадо, 150 г кикирики и 200 г посни бисквити. За глазура: 150 г посно чоколадо и 3 лажици масло. Постапка: Пропржете ги кикириките: Во тефлонска тава ставете ги кикириките на умерен оган, па околу 15 минути пржете ги со постојано мешање.
Оставете ги убаво да изладат, па сомелете ги во блендер но да има и ситни парчиња или ситно исечкајте ги. Измешајте ги водата и шеќерот, па ставете ги на оган да провријат. Потоа оставете ги уште малку да вријат, не подолго од една минута, па додадете исечкан маргарин и искршено чоколадо, па мешајте додека да се растопат.
Тргнете од оган и додадете сечкани кикирики и бисквити (половина смелени, а половина ситно искршени). Соединете ги сите состојки, треба да добиете густина како за пудинг или палента. Смесата распоредете ја во плех со помали димензии, мојот е 23х20 см.
Може да биде поголем и помал, смесата не истекува, па можете да ја обликувате на половина тепсија. Најдобро е да ставите хартија за печење и убаво да го обложите калапот, па потоа да ја распоредете смесата и да ја израмните со чаша која ќе ви послужи како оклагија.
Оставете малку да отстои и да се олади, па направете ја глазурата. Растопете го чоколадото со малку масло, па кога ќе се претвори во течна сјајна глазура, прелијте ја одозгора. По желба ишарајте со виљушка или израмнете и наросете кикирики. Исечете на штангли или коцки.
IX РЕЦЕПТ – Необична СУСАМ БАЈАДЕРА со посебен вкус. Потребни состојки за 1.дел: 200 г шеќер кој треба да се карамелизира, 130 мл вода (15 лажици), ½ маргарин (125 г), 100 г печен сусам, смелен, 200 г мелени бисквити, 1 лажица мед. Кога ќе излади се прелива со глазура:
100 г чоколадо и 3 лажици масло. Потребни состојки за 2.дел: 200 г шеќер и 100 – 150 мл вода. Па кога ќе проврие се додава: ½ маргарин да се растопи, 150 г ореви или 200 г мелен сусам и 200 г бисквити. За глазура ќе ви бидат потребни: 100 г чоколадо и 3 лажици масло.
Колачот можете да го правите и без глазурата што доаѓа помеѓу првиот и вториот дел. Постапка: Сусамот ставете го во сув сад, па на тивок оган со постојано мешање пропржете го но внимавајте да му остане бојата светло жолта. Кога ќе излади сомелете го.
Потоа 200 г шеќер ставете да се карамелизира да добие светло кафеава боја, додадете 150 мл вода и на тивок оган додека карамелот да се растопи, па додадете го маргаринот и тој да се стопи. Тргнете од оган и додадете 1 лажица мед, 100 г печен сусам и 200 г мелени бисквити.
Топлата смеса излејте ја во калап 27х19 см и израмнете. Истопете 100 г чоколадо со 3 лажици масло и прелијте одозгора. Оставете добро да излади. Во еден сад ставете 200 г шеќер, 100 мл вода и гответе додека шеќерот да се растопи, додадете 125 г маргарин да се растопи.
Тргнете од оган и додадете 200 г печен мелен сусам и 200 г мелени бисквити. Смесата изладете ја да биде млака и прелијте ја преку првиот слој. Растопете 100 г чоколадо со 3 лажици масло и прелијте како глазура. Деталите околу приготвувањето можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.