Рецепт и видео презентација на Кујна Саби Принцес крофни. Нема кој не ги сака принцес крофните, но ретко кој се осмелува да ги направи поради специфичноста на печењето на тестото.
Не се разочарувајте доколку претходно некој рецепт не ви успеал – обидете се со овој, следете ја постапката и гарантирано ќе ви успеат.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл вода, 100 мл масло, 150 г остро брашно, 1 лажица шеќер, 1 прстофат сол, 4 цели јајца.
За фил: 5 жолчки, 12 лажици шеќер, 120 мл млеко, 3 пудинг од ванила, 1 лажица густин/нишесте/скроб, 700 мл млеко, 3 ванилин шеќер, 400 мл слатка павлака.
За да го испечете тестото ќе ви биде потребно половина час, а се пече на 200 степени. А за да ви успеат принцес крофните, она што е најважно и што треба да го запамтите – е дека рерната не смеете да ја отворате додека тие се печат.
Во едно тенџере ставете вода, масло, една лажица шеќер и прстофат сол. Ставете го тенџерето на оган за да зоврие. Штом течноста зоврие веднаш намалете ја температурата од најсилна на умрено силна (од 6 на 4).
Додајте го брашното и мешајте постојано околу 2-3 минути додека да се свари и формира тестото.
Свареното тесто претурете го во друг сад и оставете го целосно да се олади. За тоа време пригответе го филот: пет жолчки ставете во длабок сад и додајте 12 лажици шеќер.
Добро изматете со електричен миксер додека шеќерот да се растопи и смесата да згусне и побели, па потоа додајте 120 мл млеко.
Во вака изматените жолчки додајте прашок од три кесички пудинг со вкус на ванила и една лажица густин. Уште еднаш изматете со миксерот додека убаво да се соединат сите состојки, да нема грутчиња.
Во друго тенџере ставете 700 мл млеко и додајте 3 кесички ванилин шеќер.
Ставете на оган, а кога ќе зоврие намалете ја температурата и постепено додајте ја разматената смеса со пудинг. Додавајте ја во тенок млаз додека постојано мешате.
Варете го кремот додека убаво да згусне. Во топлиот пудинг ставете и една лажица путер, промешајте и претурете во друг сад.
Оставете целосно да се олади. Додека го сваривте филот, тестото би требало веќе да е оладено. Во него додавајте едно по едно четири јајца.
Кога едното јајце целосно ќе се измати и соедини со тестото, дури тогаш додајте го следното јајце. Тестото треба да биде средно меко и наполнете го во готварски шприц/кеса.
Плехот од рерна малку намастете го и обложете го со хартија за печење. Започнете да ги формирате крофничките со величина по ваша желба.
Додека ги формирате крофничките, рерната вклучете ја да се загрева на 200 степени. Кога ќе ги завршите, ставете ги во загреаната рерна.
Печете ги 30-35 минути и никако не ја отворајте рерната додека тие се печат. За тоа време изматете ја слатката павлака: Во подлабок сад ставете 400 мл слатка павлака и пенасто изматете ја додека да добиете шлаг.
Половина од овој шлаг додајте го во изладениот пудинг и измиксајте за да се соедини во фин, нежен крем.
Половината од слатката павлака оставете ја за декорација. Печените крофнички оставете ги настрана да се оладат, а потоа сечете ги (може и да не ги сечете до крај, за полесно да ги затворате) и филувајте ги најпрво со жолтиот крем, а потоа и со шлагот. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете ОВДЕ.