Од нашата архива составивме список од 10 рецети за посни ситни колачи кои брзо и едноставно се приготвуваат, погодни за слави и денови во пост. Се надеваме дека ќе ви се допаднат, па некои од нив ќе ги приготвите…Сите се многу вкусни и проверени.
I Рецепт – Пиварки, посни колачи со пиво, ровки, навистина се топат во уста Едноставен рецепт, не можете да згрешите Ова се највкусните посни колачи, многу едноставни, а пивото им дава ровкост и фина арома… Се приготвуваат многу лесно и не можете да ги погрешите.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 шолја од, 200 мл пиво, 2 шолји масло, брашно по потреба (околу 500-600г) и 1 прашок за печиво. ЗА СИРУП: 2 шолји (250 мл) шеќер, 1 шолја вода, малку лимонов сок, мармалада, ореви или бадеми. За валкање: 150 г кокос или мелени ореви.
ПОСТАПКА: Малку брашно ставете на дното од садот. Ставете пиво, масло и малку промешајте со дрвена лажица, па додадете го прашокот за печиво. Додадете уште брашно така да добиете средно меко тесто. Нека отстои 15 минути, па расукајте кора и со тркалезен калап вадете од тестото.
На секоја пиварка ставете малку мармалад и некоја јатка од орев или бадем, лешник… па затворете од сите страни. Наредете за печење. Се пече на 200 степеним, не премногу долго. За време на печењето ставете вода и шеќер да зовријат па тргнете на страна.
Печените колачи уште додека се топли (но не и врели) ставете ги во сирупот, завртете ги од едната, па од другата странасамо по неколку минути, не треба многу да се натопат. Вадете ги од сирупот и веднаш валкајте ги во кокос (по желба може да се валкаат и во мелени ореви).
II Рецепти – Посни божиќни топчиња од суви смокви, мелени ореви и чоколадо – старински рецепт. Фото и рецепт на Ивана Тодоровиќ – Божиќни топчиња. Еве еден рецепт кој го пронајдов во еден прастар тефтер кој и припаѓаше на тетка ми, полн со пожолтени страници испишани со прекрасни рецепти…
Го пронајдов кога за првпат започнав да правам колачи за слава и оттогаш задолжително ги правам за слава, Нова година, Божиќ.. а и без некој посебен повод, бидејќи моите дома ги обожаваат… Многу се вкусни и неодоливи, па тешко е да се сопрете само на првото колаче.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 150 г суви смокви, 250 г мелени ореви, 120 г шеќер и 100 г чоколадо за готвење. ПОСТАПКА: Сомелете ги заедно смоквите и оревите (така помалку се лепат смоквите за ножето). Во посебен сад ставете го шеќерот, прелијте го со малку вода колку да се прекрие шеќерот.
Шеќерот со вода ставете го на оган и мешајте додека тој да се растопи целосно, па тргнете го садот од рингла и оставете сирупот малку да се подизлади. Потоа додадете го чоколадото искршено на коцки и мешајте да се растопи, а потоа и мелените смокви и ореви.
Убаво промешајте смесата целосно да се изедначи и да стане компактна. Формирајте ги топчињата со големина на орев, па валкајте ги во чоколадни трошки, мелени ореви, кристален шеќер, рендано чоколадо…било што по желба. Многу се вкусни, што би се рекло “лапни-голтни”.
III Рецепт – Посни КУКУЛИЧКИ- ШИШАРКИ вкусни ситни колачи со мед, сусам, чоколадо и чоко попс – за 5 мин се готови. Фотографија и рецепт на Beti Josi (Klara boss) – Манастирски колачи. Уживајте во вкусните посни шишарки – КУКУЛИЧКИ приготвени според рецептот на нашата драга пријателка Beti Josi.
Како и сите други нејзини рецепти, така и овој, е едноставен и брз, но со неодолив вкус. За 5-10 минути се готови. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 лажици какао, 100 г чоколадо, 100 г сусам, 5-6 лажици мед, 800 г чоко попс или МБ житарки, 5 лажици шеќер и 1 маргарин (250 г).
ПОСТАПКА: Сусамот се пече во суво тенџере за да добие убав мирис и малку да зарумени, со постојано мешање. Цело време се меша со дрвена лажица за да не изгори. Се додава маргаринот исечен на коцки, чоколадото искршено на коцки и се меша додека да се растопат.
Тенџерето е најдобро да се тргне на страна за да не изгорат одеднаш или да се намали температурата на минимум. Откако ќе се соедини смесата, се додаваат и сите други состојки освен чоко попсот. Чоко попсот е најдобро да се стави во некој поголем (подлабок) сад.
Кога смесата убаво ќе се растопи, се прелива и се меша со чоко попсот за да се изедначи. Со обратната страна од цедалка за лимони се прават калапи (се обложува со проѕирна фолија), се полнат со мало кафено лажиче и се истресуваат врз рамна чинија. На здравје.
IV Рецепт – Посни парени колачи со пиво и гриз – се топат во уста, лапни-голтни. Фотографија и рецепт на Олгица Јосифоска – Рецептот за овие вкусни, сочни колачи ни го претстави нашата драга членка Олгица Јосифоска во групата НМД рецепти. Колачите се парени и посни, одлични за секаква пригода.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 мл пиво,250 мл масло, 1 кесичка ванилин шеќер, 1 кесичка прашок за печиво, 4 лажици гриз и брашно по потреба (нешто помалку од 1 кг). ЗА ШЕРБЕТ: 900 г шеќер, 1 литар вода и 1 кесичка ванилин шеќер.
ПОСТАПКА: Од сите состојки се замесува меко тесто, а брашно се додава по потреба. Мене од 1 килограм брашно малку ми остана. Количината на брашно всушност зависи од видот на брашното, важно е тестото да не биде тврдо, но да се одвојува од прстите и да може да се обликува, а притоа да не го губи обликот.
Од тестото правете топчиња и ставајте ги на ренде од страната за ситно рендање, па со прстите издолжете го топчето во правец на сечилата за да се формираат “боцките”. На развлеченото тесто по желба можете да ставите ¼ јатка орев, па да го свиткате во ролничка, водејќи сметка да не се нарушат “боцките”.
Вака приготвените колачи редете ги во намастен плех или обложен со хартија за печење, без поголемо растојание помеѓу нив. Печете ги во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15-тина минути, односно додека да добијат убава боја. Во меѓувреме сварете го шербетот.
За шербет: Во тенџере ставете шеќер и прелијте со вода. Ставете на оган, па откако ќе зоврие варете околу 15 минути, за да се формира благ сируп. По желба можете да додадете лимонов сок и ванилин шеќер. Топлите колачи малку подизладени се прелеваат со топол шербет.
V Рецепт – СМОКВАРКИ: Сочни, посни, вкусни ситни колачи со смокви и бадеми. Фотографија и рецепт на Јасна Мутиловиќ. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 шолји (од 200 мл) вода, 1 шолја масло, ½ џем од смокви или јаболка, 2 шолји брашно, ½ шолја пченкарно брашно, 1 прашок за печиво, 100 г крупно мелени бадеми (не мора).
ЗА СИРУП: 1 шолја вода, 1 шолја џем и ½ шолја шеќер. ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете 2 шолји вода, 1 шолја масло и ½ шолја џем од смокви или од јаболка. Кога ќе зоврие и изедначи, додадете претходно измешани 2 шолји брашно и ½ шолја пченкарно брашно.
Убаво измешајте и изедначете за да се соедини без грутчиња. Оставете убаво да се излади, а потоа во тестото додадете 1 прашок за печиво и по вкус може да додадете околу 100 г крупно мелени бадеми. Убаво измесете го тестото за да се изедначи прашокот за печиво.
Кога добро ќе се изработи и тестото ќе стане компактно, од него кинете топчиња со величина на киви. Топчињата малку сплеснете ги со дланките, а со прстот направете дупче во средината, за во него да ставите еден бадем. Вака приготвените колачиња редете ги во малку намастен плех.
Ставете да се печат околу 20 минути во претходно загреана рерна на 190 степени (или печењето прилагодете го според вашата рерна). Додека се печат колачите, вие пригответе го сирупот: Во друго тенџере ставете 1 шолја вода, 1 шолја џем и ½ шолја шеќер.
Оставете го срупот да зоврие, и мешајте постојано додека да се растопи шеќерот. После неколку минути варење тргнете го тенџерето на страна неколку минути, малку да подизлади. Печените колачи додека се топли прелијте ги со топлиот сируп и оставете ги да изладат и да го впијат.
VI Рецепт – Посни жербо бомбици, најубавите празнични колачи, неодоливи, брзи и лесни – без печење, со само 3 состојки. Фотографија и рецепт на Наталија – Неодолив вкус, без готвење, без печење, само три состојки – мелени ореви, мелени бисквити и џем од кајсии со крцкав слој чоколадо однадвор.
Толку многу се сочни што се топат во уста. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА 34 ТОПЧИЊА: 150 г мелени ореви, 200 г мелени бисквити посни, 5 полни лажици џем од кајсии (околу 300 г), 1 лажичка арома од ванила. ЗА ГЛАЗУРА: 150 г чоколадо за готвење, 1 лажица масло.
И уште ќе ви бидат потребни малку сечкани ореви за декорација. ПОСТАПКА: Сомелете ги оревите, а потоа и бисквитите. Измешајте ги во една чинија, па додадете го џемот од кајсии. Не ја додавајте одеднаш целата количина џем, туку лажица по лажица.
Мешајте додека да добиете компактна смеса од која може да се обликуваат бомбиците. Смесата не треба да биде сува и да се рони, но исто така, не смее да биде премногу мека и леплива. Додадете и ванила па пробајте ја смесата дали ви е доволно слатка.
Ако сметате дека не е, слободно додадете малку шеќер во прав по вкус. Оваа смеса ставете ја во фрижидер околу половина час до еден час за да излади и да може полесно да се обликуваат топчињата. Од изладената смеса вадете со лажичка и формирајте топчиња.
Редете ги во тепсија обложена со хартија за печење, па повторно вратете ги во фрижидер додека ја приготвувате глазурата. За глазура: во помало тенџере растопете го искршеното чоколадо заедно со масло, на најмала температура со постојано мешање.
Оставете 5-10 минути да излади, а потоа со виљушка спуштајте ги топчињата во глазурата и со помош на лажица потурајте ги од сите страни. Почекајте малку да се исцеди вишокот, па повторно редете ги врз хартијата. Додека чоколадото сè уште не е стврднато, одозгора наросете ги со малку сечкани ореви и со прстот малку притиснете за да се залепат за глазурата.
Откако малку ќе изладат на собна температура можете слободно да ги ставите во фрижидер до послужувањето. Жербо топчињата можете само да ги валкате во мелени/сечкани ореви, мелени и сечкани лешници, кокос, мелени бисквити или нешто по ваш вкус и желба.
VII Рецепт – Посни лешник гнезда, без млеко и јајца, излегуваат 40. Фотографија и рецепт на Наталија – Ова се посни колачиња кои најпрво ќе ве освојат со декоративниот изглед, а потоа и со вкусот. Содржат мелени бисквити, мелени лешници, чоколадо…
Ако мислите дека посните колачи не може да бидат вкусни, тогаш пробајте ги овие и ќе се уверите во спротивното. Секако, истите можете да ги направите и во масна варијанта. Гнездата можете да ги полните со чоколаден ганаче крем, некој готов еурокрем, нутела или топено чоколадо во слатка павлака.
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл вода, 200 г шеќер, 150 г маргарин, 100 г чоколадо за готвење, 250 г мелени бисквити, 150 г мелени лешници, претхотно испечени. За валкање: околу 100 г крупно сечкан лешник. ЗА ПОЛНЕЊЕ: 150 мл слатка павлака и 100 г чоколадо за готвење.
ПОСТАПКА: Најпрво потпечете ги лешниците во рерна, на 180 степени околу 10-15 минути, со често промешување со лажица. Излупете ги од лушпата и сомелете ги. Исто така, сомелете и 150 г бисквити. Во поголемо тенџере излејте вода, додадете шеќер, маргарин и чоколадо искршено на коцки, па ставете на оган и загревајте на умерен оган со постојано мешање додека да се растопи.
Од моментот на зовривање оставете уште 2-3 минути, па тргнете од оган. Додадете ги мелените бисквити и лешници, добро промешајте, па оваа смеса оставете ја целосно да излади, најмалку 2-3 часа во фрижидер или во замрзнувач на околу еден час. Не грижете се тоа што врелата смеса ќе изгледа доста ретко и меко.
Со ладењето целосно ќе се стегне. Кога смесата се изладила и стегнала, со лажучка вадете мали парчиња, формирајте ги во топчиња и редете ги на тацна. Секое топче извалкајте го во сечканите лешници, а во средината со прст или со дрчка од лажица направете мало вдлабнување, така да добиете изглед на гнездо.
Вака формираните гнезда ставете ги во фрижидер целосно да стврднат. Потоа полнете ги со фил. За фил: Загрејте ја слатката павлака, па пред да зоврие тргнете од оган и додадете го чоколадото искршено на коцки. Нека отстои така околу една минута, па со жица добро промешајте додека чоколадото целосно да се растопи.
Ставете го кремот во фрижидер да се излади, па потоа можете да го измиксате, но не мора. Наполнете го шприцот, ставете продолжеток по желба и полнете ги гнездата. Филот можете да го направите и еден ден претходно. Гнездата може да стојат во фрижидер и до неколку денови, тогаш се уште поубави.
VIII Рецепт – Јафа топчиња без печење и без трошка масло, се прават од само неколку состојки. Вкусни бомбици, лапни-голтни. Можете да ги приготвите и во посна варијанта доколку користите посни бисквити и чоколадо за готвење. Вкусот е неодолив.
Постапката е брза и едноставна. Може да купите и готови мелени бисквити, па да ги измешате со џем, сок и чоколадо. Ќе извалкате само една чинија. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г бисквити со вкус на какао, 150 мл сок од портокал, 1 ванилин шеќер, 2 големи лажици џем од портокал или кајсија, 1 ребро (50 г) чоколадо за готвење, рендана кора од портокал, 1 лажица мед.
ПОСТАПКА: Бисквитите сомелете ги или добро издробете ги, прелијте ги со сок и промешајте. Додадете мед, џем, ванилин шеќер и растопено чоколадо, а на крај и рендана кора од портокал. Убаво промешајте за да се соединат состојките во еднолична смеса.
Најдобро е со рака да се замеси добро. Добиената смеса оставете ја во фрижидер малку да одмори околу 30 минути, а потоа од неа кинете и формирајте топчиња или облици по желба. Додадете уште малку бисквити доколку сметате дека смесата ви е премека.
Топчињата можете да ги валкате во мелени бисквити, кокос, рендано чоколадо, мелени ореви, лешници или нешто по ваша желба. Можете смесата да ја ставите во калап обложен со проѕирна фолија и потоа да сечете парчиња (триаголници, коцки, штангли…).
Може да додадете и друг вид на бисквити и уште 1-2 лажици какао. Ако сакате посладок вкус во смесата може да додадете уште малку шеќер во прав, а исто и чоколадо. Исто така можете да користите и џем или мармалад во декорацијата…навистина комбинациите се големи.
IX Рецепт – Посни рум касато – подобри од купечките, совршени за посни слави. Фотографија и рецепт на Наталија – На сите можеби ви се познати рум касато штанглите, но оваа верзија има една тајна состојка. Имено, за меката конзистенција е заслужен компирот.
Колачот многу брзо и едноставно се приготвува, без печење, посен е, па е совршен за посни слави. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 300 г лупен компир, 100 г чоколадо за готвење, 100 г маргарин, 300 г мелени посни бисквити, 150 г шеќер во прав, 1 лажица (15 г) какао, 4-5 лажици рум.
ЗА ГЛАЗУРА: 120 г чоколадо и 2 лажици масло. ПОСТАПКА: Измерете нешто повеќе од 300 г компири, излупете ги и измијте ги, па повторно измерете да биде точно 300 г. Исечкајте го на коцкички и сварете го во зовриена вода на вообичаен начин (исто како за компир пире) околу 30 минути.
Во целост исцедете го од водата, па во тенџерето со сè уште врелиот компир веднаш додадете го чоколадото искршено на коцки и маргаринот исечен на листови. Започнете со мешање и гмечење. Од топлината на компирот чоколадото и маргаринот сосем ќе се растопат.
Гмечете додека да добиете фино “чоколадно пире”, така што ќе нема грутчиња од компирот. Можете да го изматите со миксер доколку сакате. Потоа додадете ги мелените бисквити, шеќерот во прав, какао во прав и рум по вкус (јас ставив 5 лажици), па целата смеса добро промешајте ја со лажица додека да стане еднолична и компактна.
Во помал плех со приближни димензии на 30х20 см обложен со хартија, излејте ја смесата и рамномерно распоредете ја. Ставете ја во фрижидер додека ја приготвувате глазурата. Глазура: во мало тенџере ставете го искршеното чоколадо на коцки и маслото, па растопете ги на најтивко.
Оставете да излади 5-10 минути, па прелијте го колачот со глазурата. Вратете повторно во фрижидер добро да излади и да се стегне, најмалку 2-3 часа, а најдобро преку целата ноќ, па сечете на штанглички со саканата величина. Моите беа 4х2 см а ги сечев со скалпел и со помош на линијар.
X Рецепт – Посни бомбици со јаболко, ореви и посни бисквити – брзи и превкусни. Вкусни и меки топчиња кои можете да ги приготвувате со различна големина. Овие бомбици се приготвуваат брзо и едноставно, а имаат феноменален вкус.
Може да ги валкате во мелени ореви, лешници, кокос, рендано чоколадо, какао… и така да добиете различни, шарени бомбици на вашата трпеза. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 5-6 поголеми јаболка, 100-150 г шеќер или по потреба (во зависност од тоа колку се слатки јаболката),
Потоа, 100 г маргарин, 2 ванилин шеќер или 2 лажички екстракт од ванила, 200 г мелена плазма/посни бисквити, 200 г мелени ореви, лешници или бадеми. ПОСТАПКА: Јаболката се мијат, се лупат и се рендаат, па се запржуваат со 100 грама шеќер, 2 ванилин шеќери и 100 г маргарин, колку да омекнат и малку да испари течноста.
Кога ќе излади смесата со јаболка, се додаваат 200 г мелена плазма/посни бисквити и 200 г мелени ореви. Се замесува убаво за да се добие изедначена смеса, па се остава малку во фрижидер да излади и да се стегне. Од смесата се формираат топчиња, со големина по ваша желба. Се валкаат во мелени ореви или какао.