Рецепт и видео презентација на Валентина Машковиќ. Се приготвува многу брзо, а вкусот е извонреден. Ова е основна количина, а вие ако сакате зголемете ги количините. Под рецептот има и линк од видеото каде можете да го погледнете приготвувањето.
Потребни состојки: 1 кг тиква, 3-4 моркови поголеми и 1 литар вода. За сируп: 2 литри вода, 300-500 г шеќер или мед, 1 лимонтус, 1-2 лимони – сок. *По вкус екстракт од кајсија или ананас. Постапка: Тиквата и морковите исечете ги на помали парчиња и ставете ги во тенџере со вода, да бидат прекриени.
За околу половина час варење тиквата е омекната, па може веднаш да се испасира со рачна пасирка или блендер. Кашата се остава на страна да излади. За тоа време се приготвува сирупот: Се ставаат шеќерот и водата на оган да се растопи шеќерот, па откако ќе зоврие се вари уште 2-3 минути.
Потоа се трга од оган и се остава малку да подизлади. Во сирупот се додава сок еден или два лимона (по вкус), еден лимонтус и по желба може да се додаде малку екстракт со вкус на некое овошје. Изладената каша од тиква и морков процедете ја низ газа.
Ако сакате покашест сок, тогаш доволно е само убаво да го изблендирате да нема грутчиња. Во испасираната смеса додадете го сирупот со лимонов сок. Убаво промешајте и складирајте во претходно стерилизирани шишиња. Излегуваат околу 4-5 шишиња од 700 мл. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Прочитајте го и вториот рецепт: Домашен сок без шеќери и конзерванси – брза и лесна подготовка – витамински сок од тиква за имунитет Рецепт и видео презентација на: Направи сам – Идеи за креативци – Домашен витамински сок од тиква.
Ова е рецепт за домашен сок без грам шеќер, прав, есенски. Можете да го приготвите како густи сок, а доколку го процедите ќе добиете бистар сок. Ова се состојките кои ги користев за да добијам 2,5 литри сок. Се разбира дека со термичка обработка дел од витамините се уништуваат.
Но, доколку сокот се вари на тивко, голема количина од нив останува, а што е најважно, нема додавање на конзерванси, вештачки бои и други адитиви и засилувачи на вкусови. Потребни состојки: 500-600 г исчистена тиква (може да користите било каква тиква која ја имате).
Потоа, 4 јаболка, 2 моркови, 2 лимони, 2 банани, 2 портокали или мандарини, 3-4 лажици мед (или по вкус), лажичка цимет или ѓумбир, доколку сакате, не мора, 1 кесичка лимонтус и 2,5-3 литри вода. Постапка: Најпрво излупете ги морковите, крупно исечете ги и ставете ги во тенџере со вода.
Ставете го да се вари додека го приготвувате другото овошје. Јаболката измијте ги, исечете ги и извадете им ги семките. Лимонот исечете го на четвртини, извадете ги семките, исто така. Тиквата излупете ја и исечете ја на коцки, па додадете ја кај морковот што веќе се вари, а додадете го и другото овошје.
На крај излупете ги бананите, па додадете ги и нив. Поклопете и на тивко варете околу половина час. Повремено со виљушка проверете дали намирниците се сварени. Исцедете лимон, портокали или мандарини, а во сокот додадете по лажичка цимет и ѓумбир доколку сакате.
Потоа со рачен блендер добро сомелете ги сите намирници додека да добиете еднолична каша. На крај засладете, додадете го исцедениот сок и додадете лимонтус (единствената намирница која не е природна во овој сок, но не е ни штетна). Сокот вратете го на оган на уште еден “клуч” и штом зоврие веднаш тргнете го и топол складирајте го во стаклени шишиња.
Затворете ги со капачиња и завиткајте ги убаво во ќебиња или било каква хартија (весници и списанија), па оставете ги така да се оладат. Количината на водата и медот можете сами да ја менувате во однос на тоа дали сакате посладок или погуст сок. Сокот се чува на темно и ладно место.
Доколку сакате дополнително да го пастеризирате сокот за да му го продолжите рокот на траење, тогаш теглите или шишињата со сок вратете ги во рерна на 100 степени уште половина час, иако нема потреба. Минатогодишниот сок траеше до крај и беше феноменален. Деталите од постапката погледнете ги во видеото ОВДЕ.