Рецепт и видео презентација на Емилија од “Кујната на Емилија”. Нугат тортата е идеална за сите љубители на вкусните торти. Нугат кремот заедно со плазма кексите може да биде совршена комбинација. Тортата е голема, цврста и погодна е за родендени или некои други свечени пригоди.
Може да се сечат убаво парчињата без притоа да ви се распаѓа тортата или да се лизгаат и одвојуваат слоевите еден од друг. Погодна е да се прави скалесто со неколку катови. Ова се потребните состојки за една кора: 4 јајца, 4 лажици шеќер, 4 лажици брашно, 2 лажици какао, 4 лажици мелени ореви и половина кесичка прашок за печиво.
Состојките зголемете ги за трипати, зошто потребно е да испечете три вакви кори. Ќе ви биде потребно и чоколадно млеко за натопување на печените кори (по една чаша за секоја кора). За првиот фил ќе ви бидат потребни следните состојки: 800 г кисела павлака, 300 г мелени бисквити, 400 г нугат крем, 1 коцка маргарин од 250 г (или путер), 150 г шеќер во прав.
За вториот фил ќе ви бидат потребни следните состојки: 500 мл слатка павлака и рендано чоколадо за украсување. Постапка: најпрво одвојте ги жолчките од белките во посебни садови. Белките изматете ги во цврст снег со помош на електричен миксер.
Кога ќе станат пенасти започнете постепено да го додавате шеќерот, вкуспно четири супени лажици. Матете доволно долго додека шеќерот целосно да се растопи а снегот да стане цврст и сјаен. Потоа во снегот додавајте ги една по една четирите жолчки.
Матете со миксерот цело време, а следната жолчка додадете ја кога претходната ќе се соедини со снегот од белки. Смесата на крај малку ќе ја изгуби цврстината поради жолчките, но и натаму ќе остане густа и пенлива. Во посебен сад измешајте четири лажици брашно, две лажици какао, четири лажици мелени ореви и половина кесичка прашок за печиво.
Изедначете ја смесата и внимателно додадате ја во смесата од изматени јајца. Промешајте со лажица или шпатула додека да се соединат состојките и да добиете изедначена смеса. Плехот од рерна малку намастете го за да може полесно да се залепи на него хартијата, а потоа обложете го со хартијат за печење.
Излејте ја смесата во него, рамномерно распоредете ја и израмнете со протресување на плехот (на тој начин излегуваат и евентуалните воздушни меурчиња). Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 15 минути. Проверете со чепкалка дали е печена.
Оставете малку да подизлади, па превртете ја врз тацна и внимателно отстранете ја хартијата. Постапката треба да повторите уште двапати, односно треба да испечете вкупно три кори. Во една чаша ставете 200 мл чоколадно млеко, па со помош на силиконска четка рамномерно натопете ја првата кора (ставена врз тацната каде ќе се филува тортата).
Приготевете го филот: Во еден подлабок сад ставете 800 г кисела павлака, додадете 300 г мелена плазма и со помош на лажица промешајте за да добиете изедначена смеса. На страна со миксер изматете 250 г маргарин исечен на коцки и омекнат на собна температура, со 150 г шеќер во прав.
Матете додека да добиете пенаста структура. Во изматениот маргарин постепено, лажица по лажица додавајте од претходната смеса и матете со миксерот за да се соединат. На страна изматете половина литар слатка павлака во цврст шлаг. Во филот додадете 400 г нугат крем и со миксер промешајте да за се соедини во смесата.
Со третина од добиениот крем филувајте ја првата кора. Рамномерно распоредете и израмнете. Врз кремот нанесете половина од изматениот шлаг, па исто така, рамномерно распоредете и израмнете. Одозгора ставете ја втората кора и исто како и првата натопете ја со една чаша чоколадно млеко.
Повторувајте ја постапката додека да се потрошат состојките, односно после секој кора филувајте со третина од кремот и половина од шлагот. Откако ќе ја натопите и третата кора, премачкјате ја со третина од кремот, а декорирајте ја со малку шлаг по желба. Одозгора украсете ја тортата со рендано чоколадо. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.