Рецепт и видео презентација на Беба од бебина кујна – Јафа кекс торта. Јафа торта без печење, содржи разни бисквити и шлаг со глазура. Многу вкусна, брза и едноставна за приготвување, одлична во летните периоди за освежување, но и во зимските, за сладење.
Потребни состојки: 500 мл слатка павлака, 250 г јафа бисквити или ресани, 200 г кекси по ваш избор, 100 г петит бисквити и малку млеко за натопување на кексите. За прелив: 100 г чоколадо за готвење, 100 г маргарин или путер и 2 лажици масло.
Постапка: Најпрво исечете ги јафа бисквитите на коцки, а другите кекси искршете ги со рака, без разлика на каква големина ќе ви излезат. Изматете ја слатката павлака додека да добиете цврст шлаг, па поделете ја на два дела и во секој измешајте ги приготвените кекси (во едниот дел ставете јафа, а во другиот кексите).
Во тркалезен калап за торта, на дното и на страните наредете бисквити претходно малку натопени во млеко. Во калапот излејте ги смесите со бисквити и израмнете, без разлика која смеса прва ќе ја ставите. Помеѓу нив доколку сакате можете да ставите уште еден слој бисквити.
Ставете ја тортата во фрижидер малку да излади, околу 20-тина минути, а за тоа време пригответе ја чоколадната глазура. Растопете го чоколадото со путер и малку масло на тивок оган додека состојките да се растопат и соединат. Измешајте и почекајте глазурата малку да излади.
Прелијте ја тортата, па вратете ја во фрижидер убаво да се олади и стегне пред послужување. Има одличен вкус, како сладолед торта. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Втор рецепт за Плазма торта со крем бананчиња и јафа – едноставна, брза и вкусна. Едноставна торта со одличен вкус. Рецепт и видео презентација на “Да готвиме лесно”. Децата ја обожуваат, а ја сакаат и возрасните. Во видеото не е нагласено, но најдобро е да се остави тортата преку цела ноќ во фрижидер за да се стегне и убаво да се излади.
Потребни состојки: 125 г путер или маргарин, 50 г шеќер во прав, 300 г мелена плазма, 70 мл сок од портокал. За фил: 800 мл млеко, 3 пудинг од ванила, 4-5 лажици шеќер, 125 г путер или маргарин, 70-100 г шеќер во прав, 125 г шлаг пена, 200 г јафа кекси, 150 г крем банани.
За декорација: малку чоколадо, 1 шлаг пена (40 г) по желба. Колачот-торта се приготвува во калап бр.22. Постапка: Сварете го пудинго вообичаено: во малку млеко разматете го прашокот за пудинг, а остатокот задно со шеќерот ставете ги на оган.
Кога ќе зоврие додадете го разматениот пудинг и постојано мешајте додека да се згусне. Сварениот пудинг тргнете го на страна, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да излади. Пригответе ја кората/основата: во посебен сад пенасто изматете 125 г омекнат путер со 50 г шеќер во прав.
Потоа додадете 300 г мелена плазма и промешајте со шпатула за да се изедначи во ровка смеса. Замесете со раце, па полека додавајте го сокот од портокал додека да добиете компактна смеса. Смесата рамномерно распоредете ја во калап бр.22 намастен со путер на дното и обрачот или обложен со хартија за печење.
Убаво израмнете и пртиснете со лажицата. Во посебен сад пенасто изматете 125 г путер со 70-100 г шеќер во прав. Изладениот пудинг изматете го, па во него постепено додавајте го изматениот путер и соединете ги во мазен крем. За декорација изматете 150 г шлаг пена според упатството на кесичката.
Филот поделете го на два дела и во секој додадете по две лажици од изматената шлаг пена. Промешајте за да се соединат. Во едниот дел додадете 200 г исечкани јафа (ресани), а во другиот исечкани 8 крем бананчиња (15 г). Соединете.
Редење: Врз кората распоредете го филот со јафа кексите и убаво израмнете за да нема воздушни џепови. Потоа нанесете го и вториот фил со крем банани и убаво израмнете. Најпосле премачкајте со шлаг.
Доколку сакате, откако ќе ја изладите тортата и ќе го отстраните обрачот, премачкајте ја целата торта и од страните со уште еден изматен шлаг крем. Украсете по желба. Деталите од приготвувањето можее да ги погледнете во видеото ОВДЕ.