Рецепт и видео презентација на “Да готвиме лесно” – Вкусни слатки без маргарин. Се прават само од неколку состојки, а добивате вкусни топчиња многу на број.
Потребни состојки: 550-600 г јаболка (три средни по големина јаболка), 1 кесичка ванилин шеќер, 100 г шеќер, 50 г посно чоколадо (може или бело или црно чоколадо, по ваш избор), 100 г мелени ореви, 200 г мелени посни бисквити. За валкање на топчињата користете малку ореви, кокосово брашно или мелени бисквити.
Може да користите и рендано чоколадо или било што по ваш избор. Од оваа смеса ќе добиете 25-30 топчиња во зависнот од величината која ќе ја правите. Ако ви се потребни повеќе, зголемете ја количината на состојките. Постапка: Јаболката измијте ги, излупете ги и изрендајте ги на ренде.
Додадете им една кесичка ванилин шеќер и 100 г шеќер (половина чаша од 200 мл). Ставете ги да се пропржат на умерен оган околу 10-тина минути додека да се растопи шеќерот, а течноста да испари. Мешајте постојано за да не ви загори смесата.
Кога јаболката ќе се испржат, а течноста ќе испари, тргнете го тенџерето од рингла и додадете 50 г чоколадо искршено на коцки. Мешајте додека тоа да се растопи и соедини со јаболката. Во смесата додадете 100 г мелени ореви и промешајте.
Потоа додадете ги и мелените бисквити (200 г), но во смесата додавајте ги постепено за да може рамномерно да се измеша смесата. Убаво изедначете ја смесата и оставете ја да се олади. Од приготвената смеса кинете и со помош на дланките формирајте топчиња.
Во посебни мали садови ставете кокос, мелени кекси, мелени ореви или по желба и во нив валкајте ги топчињата и редете ги во чинија за сервирање. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.
Бонус рецепт, многу сличен на претходниот: Посни бомбици со јаболка и бисквити без печење – Прекрасни топчиња со многу убав вкус, лапни голтни! Се приготвуваат од многу малку намирници, а даваат толку исполнет вкус!
Инаку, состојките можете да ги додавате по желба, а освен што во јаболката ќе ставите бисквити, исто така, можете да додавате лимон, портокал, рум, суво грозје, цимет… Главно, со овие состојки нема да згрешите, бидејќи совршено си одговараат со јаболката.
Потоа можете да ги натопувате во чоколадо, да ги валкате во ореви, кокос, мелени бисквити… ПРВА ВЕРЗИЈА – Потребни состојки: 5-6 јаболка со средна големина, 150 г шеќер, 150 г бисквити (за посно користете посни бисквити), 150 г мелени ореви или бадеми за валкање
ВТОРА ВЕРЗИЈА – Потребни состојки: 1 кг јаболка, 200 г шеќер, 250 г мелени бисквити, 1 капаче рум по желба. За валкање: 100 г чоколадо, 3 лажици масло и кокос или нешто по желба за валкање. Постапка: Јаболката измијте ги, излупете ги и изрендајте ги, па оставете ги 15-тина минути да пуштат сок.
Потоа изгмечете ги со рака и исцедете ги. Исцедените јаболка ставајте ги во поголем сад. Додадете шеќер и на умерен оган гответе ги 15 минути. Тргнете на страна да излади, а за тоа време растопете го чоколадото со масло, па и него оставете го да подизлади.
Јаболката помешајте ги со мелени бисквити и соединете. Може да месите со рака или да користете миксер. Со лажиче вадете и со дланките обликувајте топчиња. Топчињата потопувајте ги во чоколадо па во мелени ореви или во кокос.
Посни бомбици од јаболка, едноставни, вкусни, брзопотезни (Фото и рецепт: Агица) – Ова се брзи и едноставни бомбици а многу вкусни, задолжителни на мојата новогодишна трпеза. Потребни состојки: 400 г шеќер, 500 г изрендани, малку киселки јаболка, 250 г маргарин, 500 г мелени посни бисквити, 50 г кокосово брашно, 150 г кокосово брашно за валкање (не мора).
Постапка: Шеќерот запржете го како за карамел, па кога ќе се растопи и добие златна боја, додадете ги изренданите јаболка. Вратете повторно на оган и соединете со постојано мешање. Додадете го маргаринот и мешајте додека да се растопи. Потоа додадете го кокосот и мелените бисквити.
Убаво измешајте додека да добиете изедначена смеса. Оставете неколку часови во фрижидер да се стегне и излади, а потоа правете ги бомбиците. Убави се и такви какви што се, но можете да ги валкате во кокос, мелени бисквити, мелени ореви, да ги украсите со растопено чоколадо или нешто по ваш вкус.