Фото и рецепт на Драган Страшеноски – Посна роденденска торта.
Уште една посна креација за посна роденденска торта ни откри нашиот драг член Драган Страшеноски во групата НМД рецепти.
Потребни состојки за кора:
400 грама брашно, пола лажиче сода бикарбона, 1 прашок за печиво, 8 лажици шеќер, 1 блендирана банана, 2 лажици мармалад (јас ставив од дуња).
Постапка: Сето ова се меша и при тоа се додава газиран сок (струмка) додека се добие средно густа каша. Се пече во калап 45х45 см 180 степени 20 минути. Потребни се 2 вакви кори.
Потребни состојки за крем:
Од 2 литри вода и 320 грама нишесте се вари крем. 2 коцки кристал маргарин (2х250 г) се мати со 400 грама шеќер во прав и 4 лажички путер од кикирики.
Во него се додава изладениот крем од нишесте и се соединува со миксер. Кремот се дели на 2 еднакви дела. Едниот дел се соединува со 200 грама црна чоколада а другиот со 200 грама бела чоколада.
Склопување: кора, темен крем, посни бисквити накиснати во струмка, светол крем, кора. Декорација: 150 грама бела чоколада и 6 лажици масло се топат и се мешаат. Откако ќе се излади се излева на горниот дел од тортата.
Шлаг: 300 грама посни мелени бисквити се попаруваат со зовриена вода (смесата да биде многу густа како тесто). Се додава 150 грама маргарин, 150 грама црно чоколадо и 400 грама таан алва. Добро се мати. Се декорира тортата.
Фото и рецепт на Драган Страшеноски