Ова е време на настинки и вируси. Сите кашлаат и им тече носот, а особено најнежни се децата.
Кога ќе влезете во аптека, од полиците ве демнат неброени сирупи против кашлица кои не се воопшто евтини. А колку се ефикасни, вие најдобро си знаете…
Покрај производите на современата фармација и медицина, постојат природни и поевтини алтернативи кои навистина даваат резултати.
Еден таков напиток е шербетот од млеко и карамелизиран шеќер, а вториот е чај од јаболка и кромид. И двата напитоци го омекнуваат секретот и помагаат полесно да се ослободите од него.
Шербетот веројатно сите знаат да го направат, но ајде да се потсетиме. Што се однесува до вториот бабин лек, нема баш фантастичен вкус, но многу е поефикасен од првиот.
Возрасните нека прават гримаси и нека пијат, а децата што поскоро ги навикнете, подоцна ќе им биде полесно.
И едниот и другиот треба да се пијат топли, голтка по голтка (подобро кажано, срк по срк). Во секој случај, додека трае настинката потребно е многу мирување, многу течности и трпение. Ќе помине…
РЕЦЕПТ ЗА ШЕРБЕТ ОД МЛЕКО И КАРАМЕЛ
Потребни состојки:
3 лажички шеќер
200 мл млеко
5 г путер
Постапка:
Во помал сад или ѓезве ставете шеќер на умерен оган и загревајте додека да се карамелизира. Внимавајте да не ви загори. Преку растопениот карамел додадете го млекото. Карамелот ќе се кристализира и стврдне.
Оставете го така неколку минути и почекајте шербетот да зоврие. Кога карамелот целосно ќе се растопи, во млекото додадете лажичка путер, промешајте и претурете во шолја. Оставете малку да подизлади, па пијте го напитокот топол.
ЧАЈ ОД ЈАБОЛКО И КРОМИД
Потребни состојки:
1 главица кромид
1 јаболко
1 помала главица лук
10 г свеж ѓумбир
½ лажичка цимет
1 литар вода
Постапка:
Јаболкото измијте го и исечете го на парчиња. Кромидот излупете го и исечете го на ленти, а лукот згмечете го. Ѓумбирот исто така исчистете го и иситнете го.
Во тенџерето ставете ги сите состојки и налејте вода. Варете додека да зоврие, а потоа намалете го огнот и варете уште 5 минути додека јаболката омекнат.
Процедете ја саканата количина и оставете малку да излади. Засладете со мед. Пијте по малку, не одеднаш.
Lepibrka.com