Фото и рецепт на Мои Домашни рецепти – оригинален рецепт за пица.
Секогаш е добра идеја за ручек или вечера, убава вкусна пица приготвена со состојки кои веќе ги имате во фрижидер. Во овој рецепт ви се откриени неколку тајни за да добиете перфектно тесто исто како од пицерија.
Една од тие тајни е дека тестото е најдобро доколку го приготвите од претходниот ден и го оставите да преноќи во фрижидер 24 часа. Тогаш станува најеластично и најподатно за работа.
Филувањето е веќе работа на вкус, а професионалните пц мајстори препорачуваат да не се претоварува премногу пицата со материјал, колку помалку има, толку подобро се испекува тестото. И уште нешто: наместо оригано, ставете босилек…
Потребни состојки: 400 мл ладна вода, 1 кафена лажичка сол, 50 г брашно, 8 г сув квасец, 550 г брашно, 20 мл маслиново масло, Малку пченкарно брашно за премесување. За фил: 400 мл доматен сос, сол, босилек, црн пипер, 150 г моцарела, 150 г кашкавал и димено месо, кулен, шунка, по вкус…
Постапка: Во подлабок сад за месење ставете 400 мл ладна вода, 1 кафена лажичка сол (промешајте додека да се раствори солта), 50 г брашно и 1 кесичка сув квасец (8 г). Промешајте со жица за матење додека состојките убаво се изедначат, да нема грутчиња.
Оставете неколку минути, па во разматениот квасец додадете 550 г брашно и со рака замесете меко, лепливо тесто. Откако добро ќе го замесите, формирајте топка од тестото, премачкјате го со 20 мл маслиново масло и премесете го уште еднаш додека да го впие маслото во себе. Ќе забележите дека тестото ќе стане поеластично и нема да се лепи.
Затворете го и оставете го во фрижидер да одмора 24 часа. Работната површина набрашнете ја со пченкарно брашно, па тестото истресете го и премесете го. Поделете го на два дела за две поголеми пици или на три дела за три средни пици.
Секој дел развлечете го тенко со оклагија, кората пренесете ја во плех, преку цела површина премачкјате ја со доматен сос, наросете со рендан кашкавал и моцарела, зачинете и ставете парчиња сувомеснато по ваша желба.
Ставете да се пече во добро загреана рерна на најсилно, најмногу до 15 минути. Деталите од постапката за приготвувањето на ова тесто можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.