Рецепт и видео презентација на Том Филос – Ванилици-Бакнежи. Во добрите стари времиња секоја домаќинка редовно ги месела овие едноставни колачиња, бели и тркалезни кои се топеле во устата. Постојат многу рецепти за подготовка на ванилици, но мора да се почитуваат некои правила.
Пред сè, за да се “топат” во уста мора да бидат направени со сало или путер. Во ванилиците не се става прашок за печиво, а замесеното тесто треба да се одмори барем 30 минути.
Се печат на температура од 180 степени најмногу 15 минути за да останат бели. Пред да се послужат треба да отстојат барем еден ден, ако е можно и подолго, во картонска или лимена кутуја.
Потребни состојки: 250 г путер, 150 г шеќер, 10 г ванилин шеќер, 1 јајце, 1 жолчка, рендана кора од еден лимон, сок од 1 лимон, 500 г брашно, џем по избор за спојување, шеќер во прав за валкање.
Постапка: Омекнатиот путер на собна температура пенасто изматете го со миксер. Додека матите додадете ги шеќерот и ванилата, па продолжете со миксање додека убаво да се растопат и соединат.
Додека сè уште матите додадете го едното јајце, а веднаш потоа и жолчката. Соединете и додадете ја ренданата кора од лимон, а потоа и лимоновиот сок. Во убаво изматената смеса постепено додадете го брашното, најдобро да биде просеано низ сито, за да биде тестото поровко.
Замесете со рака, па мазното тесто завиткајте го во проѕирна фолија или кеса и оставете го фрижидер да се олади најмалку половина час. Откако ќе одмори тестото, со помош на оклагија развлечете го врз малку набрашнета површина. Од кората со мала чаша или модла сечете ги ванилиците и редете ги врз плех обложен со хартија.
Печете ги во загреана рерна на 180 степени околу 10-15 минути, мора да останат бели. Печените ванилици спојувајте ги како бакнежи со џем по ваш избор, две по две, а потоа валкајте ги во шеќер во прав. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.