Ренот е екстра здрава намирница и многу важен борец против грипот и настинките. Затоа е важно да си го сочувате и да го користите преку цела зима.

Ова е еден рецепт и упатство како да го сочувате коренот на оваа многу лековита билка.

Проблемот со ренот е во тоа што обично тој на многумина им е пресилен и затоа го одбегнуваат. Едно од решенијата е да го изрендате, исцедите, да го исперете во една или две води, па повторно да го исцедите. Тој рен измешајте го со домашна павлака и јадете го како салата.

РЕН СО ЈАБОЛКОВА КИСЕЛИНА – Ова е уште една верзија за “послаб” рен.

Потребни состојки:

130 г корен од рен и 150 мл јаболков оцет.

Постапка:

Секако, по желба можете и да ги зголемите количините. Ренот изрендајте го рачно или со сечкалка за храна или во блендер. Ставете го во претходно стерилизирани теглички. Прелијте го одозгора со јаболкова киселина, промешајте и оставете го во фрижидер до 12 месеци. Се користи како салата или како додаток на јадењата.

ЗАМРЗНУВАЊЕ

Постојат повеќе начини за приготвување на ренот за зимница, а еден од начините е да го замрзнете. Пожелно е да користите вакуумски апарат, кој ќе го извлече воздухот и ќе помогне ренот да ги задржи здравите масла, по кои е толку познат.

Значи, корењата рен добро исчистете ги и исечкајте ги на мали парчиња, ставете ги во кесички и затворете ги со помош на вакуумски апарат. Чувајте го во замрзнувач до година дена.

СОС ОД РЕН – Овој рецепт е исклучиво за љубителите на ренот.

Потребни состојки:

2-3 корења рен, 4 лажици говедска супа (може и коцка), 2 лажици кисело млеко, сол, масло, оцет по вкус.

Постапка:

Ренот исчистете го, изрендајте го ситно, прелијте го со супата, додадете малку масло, посолете, додадете малку оцет по вкус, добро промешајте, а потоа додадете го киселото млеко.

Ова е извонреден прилог со варено или печено телешко месо. Може да го приготвите и така што сите состојки ќе ги ставите на едно место, во блендер, и добро ќе ги измиксате додека да добиете крем.

За ренот се вели дека најдобро му се извлекува вкусот доколку се ренда во обратен правец, а да не се блендира. Некои не го откопуваат во месеците од април до септември, бидејќи се смета дека тогаш ја нема потребната силина, туку само во месеците кои ја содржат буквата Р.

СОВРШЕН БЕЛ КРЕМ ОД РЕН ПОДОБАР ОД КУПЕЧКИОТ

Потребни состојки:

200 г рен, 1 лажичка шеќер, алкохолен оцет

Постапка:

Ренот исчистете го од надворешната кора и исечкајте го на тркалца. Ставете го во мултрипрактик, блендер или сечко, и ситно сомелете го.

Ренданиот рен ставете го во теглички, додадете лажичка шеќер и околу една чаша оцет, во зависност од тоа колку сакате да ви биде густо. Брзо измешајте, израмнете и затворете ја тегличката.

Може да се чува на темно место на собна температура до неколку месеци. Вака ренот најмалку губи од јачината, бидејќи целата постапка се одвива во затворено, а нема ни солзи.

Кога се купува ренот тој треба да има светла боја, кората да не му е испукана. Ренот не треба да се мие ниту да се соли, бидејќи за кратко време ќе ја промени бојата во сиво. Тоа се прави доколку непосредно ќе го послужите.

Coolinarika.com