Нашата баба Сока ни прави ваква пита набрзина, штом ќе и ја посакаме, таа веднаш како со магично стапче ни ја приготвува и “тадаааа”… ете ја на маса за половина час.

Многу е вкусна и навистина многу лесно се приготвува, штета би било да си го немате овој рецепт. Питата може да ја приготвувате за појадок или вечера, но може и за ручек, зошто да не…

Потребни состојки:

1 пакување готови кори за пита (од подебелите)
3 јајца
600 г добро сирење (кога баба вели добро сирење, тоа значи некое помасно и посилно, солено)
малку јогурт, к.павлака или кајмак (се додава по потреба во сирењето, ама сепак смесата да биде густа)
ако сирењето не ви е доволно солено, тогаш додадете и сол и по вкус

За прелив:

350 мл вода
100 мл масло

Постапка:

Во подлабок сад изматете ги јајцата со виљушка, додадете го сирењето и издобете го, па додадете по потреба од оној јогурт, кисела павлака или кајмак, за да добиете убава конзистенција на филот, но сепак да биде густо со грутчиња од сирењето.

Во посебен сад измешајте водата и маслото. Првата кора премачкајте ја со мешавина од вода и масло, па ставете втора кора, исто така премачкјате ја, па трета кора. Покрај работ на подолгата страна нанесете од филот, до половина на кората, па свиткајте во ролат, и во вид на полжав ставете го во средината од тепсијата (тепсијата да биде намастена).

Постапката повторете ја и со останатите кори и сирење и надовврузвајте се на претходно свитканиот ролат. На крај мешавината од масло и вода што ќе ви остане, измешајте ја во чинијата каде што ви беше филот со сирење, па премачкајте ја одозгора питата.

Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени, околу половина час или додека убаво да зарумени. И танаааа…питата е готова и може да се јаде!

Domacirecepti.net