Ова е највкусната торта со ориз, а во комбинација со јаболка и ванила – полн погодок! Вкусна торта со едноставна подготвка. Најпрво се вари оризот како за сутлијаш, а потоа се меша со пенасто изматени јајца и се пече како торта.

Може врз половина од тестото (оризот) да се наредат јаболката, па да се прелие остаокот од оризот и така да се пече. Одозгора се премачкува со џем и се декорира со варени јаболка и бадеми, а по желба, можете да декорирате со шлаг и мешано шумско овошје.

Потребни состојки:

250 г ориз
800 мл млеко
½ стапче ванила (или ½ лажичка екстракт)
200 г шеќер
2 јајца
4 јаболка
½ лимон – сок
Малку џем од кајсии
Пржен бадем за декорација

Постапка:

Прво сварете го оризот во вода, а потоа варете го на умерена температура во млеко со стапче ванила. Постојано мешајте додека да добиете густа смеса. Додадете околу 100-150 г шеќер (по вкус) и промешајте да се растопи. Оставете го варениот ориз да олади.

На страна изматете цврст снег од белки, а потоа една по една додадете ги жолчките, па и нив соединете ги во снегот. Изматените јајца додадете ги во сварениот ориз и промешајте. Смесата излејте ја во калап за торти, претходно намастен и набрашнет, па печете на умерена температура (180 степени) околу 20 минути.

Во меѓувреме излупете ги јаболката и исечете ги на тенки парчиња. Прелијте ги со лимонов сок за да не потемнуваат. Сварете сируп од 200 мл вода и 100 г шеќер, па додадете ги јаболката и варете ги додека да омекнат.

Печената торта ставете ја на чинија за послужување, премачкајте ја со џем по вкус, наредете ги исцедените јаболка одозгора и наросете со пржени бадеми исечкани крупно или на ливчиња.

КОХ ТОРТА ОД ОРИЗ

На сите ни е познат рецептот за колачот со млеко, таканаречен КОХ, но ова е еден сличен колач со исто име, но кој се приготвува со ориз натопен во млеко. Во комбинација со чоколадо и суво грозје, претставува вистинска хармонија за непцето.

Потребни состојки:

1 литар млеко
200 г ориз
4 јајца
150 г шеќер
100 г суво грозје
2 кесички ванилин шеќер
малку сода бикарбона

Постапка:

Три четвртини од млекото ставете да се загрее, па додадете го оризот на тивко да се свари. Мешајте и долевајте млеко по потреба, додека оризот да се свари. Пред крај додадете го шеќерот да се растопи. Сварениот ориз оставете да се олади. Во оризот додадете ги жолчките, сувото грозје, ванилин шеќерот и малку сода бикарбона.

Белките посебно изматете ги во цврст снег и полека додадете ги во оризот. Плехот или калапот добро намастете го и набрашнете го. Рамномерно распоредете го оризот и печете на 200 степени додека малку да зарумени. По желба наросете со топено чоколадо.