Ова е рецепт за “жив” сок, уште од старо време. Како и за секој сируп, мора да се стави шеќер или мед за да не се расипе, бидејќи треба да потрае 2-3 недели во фрижидер додека да се испие целиот.
Ништо не се губи, ниту витамините ниту минералите и ензимите, напротив, се преработува шеќерот со целулозата и ферментира. Многу е подобар и поздрав од купечките сокови, бидејќи содржи природни витамини и нема конзерванси. Одличен е за имунитет.
Од истите состојки можете да си цедите секој ден свеж сок, па дури и не мора да го заблажувате со мед, бидејќи јаболката и морковите се слатки, но кој нема доволно време, може да се послужи со рецептов на баба ми. Приготвен на овој начин децата повеќе ми го сакаат, бидејќи не се чувствува карактеристичниот мирис и вкус на цвеклото. Сокот се пие на растворање!
Потребни состојки:
1 кг цвекло
1 кг јаболка
1 кг лимони
1 кг моркови
Постапка:
Сите плодови добро се мијат и се лупат, им се отстрануваат семките, а потоа се мелат во машина за мелење месо. Се собира во поголемо тенџере и се полева 5 литри вода. Се покрива со газа и се остава 12 часа.
Потоа се процедува добро, па по вкус се додава 3-4 кг интегрален шеќер или мед по вкус. Се меша добро подолго време додека целиот шеќер да се растопи.
Сирупот се складира во стаклени шишиња и се чува во фрижидер. Од оваа смеса излегува околу 8-9 литри сируп на растворање кој треба да се испие за неколку (2-3) недели.