Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss)

Брзо и многу вкусно јадење, за мерак, прсти да излижеш. Питата е за чиста десетка!

Потребни состојки:

4 јајца
1 чаша јогурт (од 180 мл)
1 шолја масло (од 120 мл)
4 шолји брашно (од 120 мл)
1 прашок за печиво
1 лажиче сол

за фил:

1 главица кромид
300 г мелено месо
сол, мешан сув зачин, оригано, црн пипер

за прелив:

2 јајца
1 чаша кисела павлака (од 180 мл)

Постапка:

Во тавче на малку масло запржете го ситно сечканиот кромид и меленото месо. Додадете ги зачините, посолете, промешајте и тргнете го од оган.

Потоа, убаво изматете ги јајцата, па постепено матејќи додавајте го јогуртот, па маслото. На крај додадете го брашното претходно измешано со прашокот за печивото и солта. Смесата излејте ја во плех со димензии 20х30 см. Израмнете и врз неа распоредете го филот од мелено месо.

Настрана во помал сад изматете ги јајцата и киселата павлака. Посолете и прелијте ја питата. Печете во загреана рерна на 200 степени околу половина час (приближно, сами оценете кога е печено).

Забелешка: Питата од фотографијата поради брзање, по грешка е правена со чаша од 140 мл за сите состојки, затоа изгледа повисока. Иако овде, во овој случај, оскудува количеството на јогурт, се покажа пред гостите како многу убава (сечена уште топла и таква сервирана) по состав-дури помислија дека е правена со пченкарно брашно (така на вкус изгледаше тестото), но дадоа една маана-да беше пониска.

Потоа увидов на мерките дека сум згрешила. Останува на вас да се држите по наведените мерки, или ако се одлучите како мене да мерите сè во иста доза, да го направите тоа со најмалата мерка или пак да го зголемите количеството на филот и преливот и да печeте во поголем плех.

Фото и рецепт: Beti Josi (Klara boss)