Рецепт и фото на Анастасија Деа Богданоска – Брз бакардан.
“Еве ме со домаќински муабети. Ако сте љубител на бакардан/качамак а немате време да “висите” над тенџерето додека се прави, еве предлог за БРЗ БАКАРДАН или МРЗЛИВ БАКАРДАН, други го нарекуваат ПЕЧЕН БАКАРДАН. Второво не ми е по ќеиф, оти не сме мрзеливи, туку едноставно немаме доволно време. Па овој брз бакардан максимум ќе ви одземе 30 минути, од подготовка до сервирање. Супер идеја за викенд појадок.”
Потребни состојки:
½ кг пченкарно брашно
1 рака обично брашно (јас ставив интегрално)
1 литар млака вода
1 мала лажичка сол
1 прашок за печиво
2 јајца (може и без јајца)
1 мал филџан масло
1 путер – по потреба, за прелевање одозгора
Постапка:
Во подлабоко тенџере загрејте еден литар вода, да стане млака, не да зоврие. Додадете една лажичка сол.
Во посебен сад измешајте ги двете брашна, една кесичка прашок за печиво и две јајца (ако го правите посно јадењето, тогаш исклучете ги јајцата) и еден мал филџан за кафе масло.
Постепено додавајте ја млаката вода и мешајте додека да добиете хомогена смеса (густа и полутечна). Смесата излејте ја плех со средна величина и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени.
После 10 минути извадете го плехот од рерна и со виљушка промешајте го бакарданот. Вратете да го допече уште 10-15-тина минути. Откако ќе се испече убаво издробете го со виљушка и попарете го растопен путер.
Рецепт и фото на Анастасија Деа Богданоска