Рецепт и видео прилог на Том Филос – Штаерска торта.
Она што е специфично за оваа торта и по што е препознатлива, е употребата на само неколку состојки, природни, без додавање на вештачки вкусови и ароми. А крајниот резултат е кремаст и многу вкусен колач кој се топи во уста.
Потребни состојки:
4 јајца
1 прстофат сол
3 лажици шеќер
1 ванилин шеќер
3 лажици шеќер во прав
3 лажици брашно
200 мл кисела павлака
250 г шлаг или слатка павлака
250 мл ладно млеко
калап 24 см
малку путер за намастување на калапот
Постапка:
Одвојте ги белките од жолчките, па со прстофат сол пенасто изматете ги. Потоа додадете ванилин шеќер и 3 лажици обичен шеќер, па матете додека да добиете цврст и сјаен снег.
Во посебен сад пенасто изматете ги жолчките со 3 лажици шеќер во прав. Кога ќе побелат и станат кремасти, започнете наизменично да додавате 3 лажици брашно и 200 мл кисела павлака.
Изматете добро додека да се изедначат состојките. Потоа додадете го снегот од белки и внимателно со шпатула промешајте за да остане смесата воздушеста. Калапот со димензија 24 см убаво намастете го со путер, па во него истресете ја смесата и убаво рамномерно израмнете.
Ставете да се пече во загреана рерна на 150 степени, 45 минути. Печениот колач оставете го да излади. На крај изматете го шлагот (250 г) со 250 мл ладно млеко и декорирајте ја тортата. По желба изладете ја пред послужување. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: