Рецепт и видео прилог на: Cucina Facile Tashev – триаголници со сирење
Вкусни и декоративни триаголници полнети со сирење, одлични за појадок или вечера.
Потребни состојки: 200 мл млако млеко, 320 г брашно, 5 г сув квасец (1 лажичка), 1 јајце, 50 г путер, 1 лажичка сол и ½ лажичка шеќер. За фил: 200 г ситно сирење и 1 жолчка за мачкање
Постапка: Во подлабок сад измешајте млако млеко со јајце, па додадете шеќер, сол и една лажичка сув квасец. Промешајте за да се растворат и соединат состојките. Во течните состојки постепено додадете го брашното и замесете го со рака околу 3-4 минути додека да стане меко, мазно и еластично.
На крај во тестото додадете го путерот омекнат на собна температура, и месете додека целосно да го прими. Вака замесеното тесто оставете го да стасува околу 45 минути на собна температура или додека да ја удвои величината.
Стасаното тесто истресете го на набрашнета работна површина и поделете го на 8 еднакви делови и формирајте топчиња. Од секое топче со помош на оклагија развлечете тркалезна кора, филувајте со сирење во средината, а потоа затворете во вид на триаголник со опфаќање нс двете спротивни страни (погледни видео).
Приготвените триаголници наредете ги во плех обложен со хартија и оставете ги да стасуваат околу 15 минути. Одозгора премачкајте ги со жолчка, направете шари со виљушката и ставете да се печат во добро загреана рерна на 180 степени околу половина час.
Печените триаголници покријте ги со крпа и оставете ги неколку минути да подизладат, а потоа послужете ги. Деталите од постапката може да ја погледнете во видеото: