Рецепт и видео прилог на Мои Домашни Рецепти – Меки кифли како цвет!

Овие кифлички ќе ве потсетат на популарните Ачми, меки се како памук, вкусни и мирисни, никого нема да остават рамнодушен.

Потребни состојки:

10 г сув квасец
100 мл млака вода
100 мл млеко
2 супени лажици шеќер
1 јајце
100 мл кисело млеко
480 г брашно
10 г прашок за печиво
1 супена лажица сол

за премачкување на корите:

100 г маргарин/путер
1 жолчка од јајце

за премачкување одозгора:

1 лажичка маргарин растопен
1 јајце

Постапка:

Во подлабок сад ставете 10 г сув квасец, 100 мл млака вода, 100 мл млако млеко и две полни супени лажици шеќер. Промешајте за да се раствори, па додадете едно цело јајце и 100 мл кисело млеко на собна температура.

Убаво измешајте со маталка па постепено додадете 480 г брашно и една кесичка прашок за печиво. Посолете со една лажица сол. Замесете со рака додека да добиете мазно меко тесто кое не се лепи. Тестото оставете го во намастен сад, покријте го со проѕирна фолија и оставете го да стасува околу еден час на собна температура или додека да ја удвои величината.

Истресете го тестото на набрашнета површина и малку премесете го, па поделете го на 10 топчиња. Секое топче со оклагија развлечете го во тенка кора со големина на помала чинија.

Путерот на собна температура убаво изматете го со жолчка од јајце, па секоја кора премачкјате ја со оваа смеса. Потоа кората свиткајте како ваљак, и со остар нож направете засек преку средината, но сечете до крај од едната страна(погледни видео). Од двата крака спирално сплетете ја кифлата, а потоа како “ачма” завршете како венче или полжав.

Вака приготвените кифли редете ги во плех обложен со хартија, покријте ги и оставете ги да одморат 20 минути. Една лажичка путер растопете и измешајте со едно јајце, па премачкајте ги цветовите одозгора. Печете ги во добро загреана рерна на 220 степени околу 25 минути или додека убаво да заруменат. Деталите можете да ги погледнете во видеото: