Псалмите се моќно средство за молитва – тие се всушност молитви преточени во стихови кои заземаат голем дел од Стариот завет.
Ги има вкуспно 150, а содржат молитви за простување на гревовите, славење и почит кон Бог, како и најава за доаѓањето на Исус Христос на земјата.
Се верува дека зборовите на светите Псалми длабоко навлегуваат во човековото срце, како и тоа дека сите нечисти сили бегаат од човекот кој постојано ги чита и во срцето ги носи овие зборови.
ПСАЛМ 50 е еден од најчесто споменуваните, се верува дека е најмоќен од сите.
ПСАЛМ 50
Покајничка молитва
1 Помилуј ме, Боже, поради големата Твоја милост, и заради големата Твоја
добрина избриши ги беззаконијата мои.
2 Измиј ме темелно од моето беззаконие и очисти ме од мојот грев,
3 Зашто престапите мои ги знам и мојот грев е секогаш пред мене.
4 Против Тебе, само против Тебе згрешив и пред Тебе зло извршив, така што Ти си праведен кога ќе пресудуваш и беспрекорен кога ќе судиш.
5 Ете, грешен сум роден, грешник уште од кога ме зачна мајка ми.
6 Ти ја сакаш вистината во срцето, и внатре во мене ме учиш на мудроста Твоја.
7 Пороси ме со исоп, и ќе бидам чист; измиј ме и ќе бидам побел од снег.
8 Дај ми да чујам радост и веселба, нека се зарадуваат коските што Ти ми ги здроби.
9 Одврати го лицето Свое од гревовите мои и избриши ги сите мои беззаконија.
10 Создај чисто срце во мене, Боже, и нов и прав дух стави во мене.
11 Не отфрлај ме од лицето Свое и Светиот Дух Твој не одземај Го од мене.
12 Врати ми ја радоста на спасението од Тебе и благороден дух зацврсти во мене.
13 Тогаш ќе ги научам престапниците да одат по Твоите патишта, и грешниците кон Тебе ќе се обраќаат.
14 Ослободи ме од пролеаната крв, Боже, Боже на моето спасение, и јазикот мој ќе пее за Твоето избавување!
15 Господи, отвори ја устата моја, и устата моја ќе ја објави похвалата Твоја;
16 Зашто, жртви не ти се мили, кога би ти принел сепаленици, Ти не би ги примил.
17 Жртвата пред Бога е срушен дух; срце понизно и смирено Ти, Боже, не отфрлуваш.
18 Господи, направи му добро на Сион, според благоволението Свое, обнови ги ѕидовите ерусалимски.
19 Тогаш ќе Ти бидат угодни жртвите на правдата, вознесувањата и жртвите сепаленици; тогаш на Твојот олтар ќе принесуваат телци.