Рецепт и видео прилог на Мои Домашни Рецепти: Кисела Мешана Салата. Витамин Ц и каротен спакувани во тегла – вкусна салата за цела зима.

Потребни ви се зелка, моркови, пиперки и карфиол, претходно добро измиени и ситно исечкани.

Потребни состојки: 1 кг зелка, 1 кг црвени пиперки, 1 кг морков, 1 кг карфиол, 8 супени лажици шеќер (50 г), 8 супени лажици сол, 350 мл бел оцет 9%, 350 мл масло и 7 тегли.

Постапка:

Зеленчукот убаво се мие под млаз ладна вода и се цеди. Зелката ситно исечете ја или изрендајте ја. Од пиперките отстранете ги петелките и семето, па исечете ги на филети, а потоа на коцки.

Морковите излупете ги и исчистете ги од завршетоците, па исечете ги на тенки кругови. Карфиолот поделете го на најситни цветчиња. Издробениот зеленчук ставете го во еден голем сад, па додајте 8 супени лажици шеќер (50 г), исто толку сол.

Промешајте убаво за рамномерно да се распоредат солта и шеќерот, па покријте го садот со проѕирна фолија или капак да одмори 3 часа на ладно. После три часа промешајте го повторно зеленчукот.

На оган ставете 350 мл масло и 350 мл алкохолна киселина 9%, па кога ќе зоврие прелијте го зеленчукот. Промешајте и повторно покријте го да одмора, овојпат 24 часа за да ги впие вкусовите.

Следниот ден промешајте ја содржината и наполнете ги теглите. Течноста што ќе остане рамномерно додајте ја во секоја тегла по малку.

Затворете ги со метални капаци, ставете ги на оган во тенџере со ладна вода и оставете ги да вријат на умерен оган околу 15 минути.

Тргнете ги на страна и оставете ги во тенџерето додека да изладат. Од оваа количина излегуваат 7 полни тегли, а само после една седмица салата е спремна и може да се јаде. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.