На Балканот тулумбите се традиционални слатки кои редовно се јадат, а водат потекло од Египет. Еден од најстарите колачи кои денес сè уште се приготвуваат.
За да направите совршени тулумби, мора да знаете колку маслото за пржење треба да биде загреано, сирупот/шербетот треба да биде добро изладен, маслото помеѓу две пржења треба да се излади за да не подгоруваат тулумбите.
Исто така, густината на тулумбите е многу важна, а и смесата која се вари на шпорет треба добро да биде сварена. Во видеото под пишаниот рецепт ви се откриени сите слаткарски трикови за правење на совршени тулумби.
Потребни состојки:
500 мл вода
500 г меко брашно
100 мл масло
7 јајца
За шербет:
800 мл вода
1 кг шеќер
½ лимон (може и не мора)
Постапка:
Најпрво се приготвува сирупот за да има време убаво да излади. Ставете вода и шеќер на оган, па откако ќе проврие варете 5 минути за да се добие убав леплив сисруп. Тргнете од оган, додадете го лимонот (ако сакате), па оставете на страна да се лади. Кога ќе постигне собна температура ставете го во фрижидер, потребно е да биде дообро изладен.
Тесто: Маслото и водата измешајте ги и ставете на оган да зоврие. Потоа намалете го огнот и додадете го брашното, па со мешање сварете го тестото додека да згусне и да се соединат состојките. Ќе добиете фина топка, потврдо тесто.
Оставете го на страна да се олади, па кога ќе биде млако, додавајте едно по едно јајце, вкупно 7 крупни (бројот на јајцата може да варира во зависност од нивната големина, некогаш 6 можеби, а некогаш 8). Најдобро е да видите во видеото каква густина треба да се добие.
Во широк сад ставете 1 литар масло и загрејте го да биде млак. Наполнете го шприцот за тулумби со смесата за тулумби, ставете ѕвездест продолжеток со широки краци и истискувајте во млакото масло. Сечете ги тулумбите со прст или со ножици. Ако сакате поизразени ребра, тогаш користете ѕвездест продолжеток со потесни краци.
Пржените тулумби кога ќе добијат златножолта боја вадете ги во претходно приготвениот и изладен сируп.
Маслото за пржење тргнете го на страна и оставете го да се лади 10-15 минути (за да нема прекини во пржењето најдобро е да имате два сада со масло за пржење), а тулумбите држете ги во сирупот 2-3 минути, па вадете ги. Тулумбите мора однадвор да бидат крцкави, а внатре меки и сочни.
Деталите од постапката за приготвување погледнете ги во видеото: