За овој рецепт нема потреба да стоите над шпоретот и постојано да го мешате ајварот со часови. Еднаш пригответе го и ќе се уверите дека и според вкусот, квалитетот и според постапката на приготвување ги надминува сите други рецепти.

Потребни состојки: 4 кг исчистени и исцедени пиперки, 500 г исчистени и исцедени лути пиперки или по вкус, 1 кг испечен и исчистен модар патлиџан, 200-400 мл масло, 1 помала главица лук – 4 чешниња, 2 лажици оцет, сол по вкус

Постапка: Пиперките измијте ги, избришете ги и испечете ги на плотна или во рерна. Истото направете го и со модриот патлиџан, но него засечете го на неколку места за да не пукне. Кога се печени поклопете ги и оставете ги така да изладат, а потоа излупете ги и исчистете ги од семките. Ставете ги во цедалка да се цедат преку цела ноќ. Истото направете го и со модриот патлиџан и со лутите пиперки.

Следниот ден печениот и исцеден зеленчук сомелете го заедно со лукот (одредете ја сами количината на лук, но не претерувајте). Сè измешајте и ставете во големо тенџере што го собира во рерна.

Вклучете ја рерната на 175 степени и ставете да се пече. Кога ќе видите дека почнало да крчка, додадете половина од маслото, убаво промешајте и вратете да се пече. Повремено проверувајте и промешувајте.

На половина од печењето додадете сол, промешајте и додадете го преостанатото масло, па продолжете со печењето. Ајварот е готов кога со лажицата ќе поминете по дното од тенџерето, а останува траг позади неа.

Додадете 1-2 лажици оцет и промешајте (прво ставете една лажица, па пробајте, а ако е потребно додадете уште една лажица, зависи од тоа колку е кисел оцетот). Ајварот полнете го во стерилизирани тегли, па вратете ги во рерна, исклучете ја и оставете ги да се запечат.

Кога ќе изладат, одозгора може малку да ставите врело масло (не мора), па затворете ги теглите. Овој чекор за теглите во рерната може да го прескокнете, па уште додека ги полните со врелиот ајвар веднаш да ги затворате и превртите за да се вакумираат.

Coolinarika.com