Што да ви кажам…јас за ова и се јавив на Кралицата Мајка да ја прашам како да сварам пченки… Дали е срамота или не е… кој си признава, половина му се простува : – )

Помалото дете ме праша кога ќе сварам пченки..хмммм…тоа ќе ми биде првпати…секогаш одиме кај некого на варени пченки…

Епа ајде…Но, но тоа немаше да се случи, ако не ја слушнав кумата Гоца како вика во продавницата каде работи: “Има ли уште од тоа пченката?” На што доби одговор: “Има…уште некои 20-тина парчиња”. А јас на тоа: “А кумо, баш сите ќе ги купиш?” Ми рече дека нема…И така, јас се охрабрив за цели 5 пченки, колку за проба.

И како? (Ова за таквите како мене, а останатите на кои им е смешно ова прашање, како се вари пченка, нека не ми забележуваат…).

РЕЦЕПТ

Значи, купете пченка колку што планирате да варите. Надворешниот слој листови отстранете им ги и фрлете ги, а оние внатрешните извадете ги и наредете ги на дното од тенџерето во кое ќе ги варите пченките.

Исто така, отстранете ја свилата и “избришете и ги брковите” и фрлете ги (или сварете чај со нив).

Наредете ги пченките во тенџерето и прелијте ги со вода, да бидат прекриени. Можете и да ги преполовите, за подобро искористување на просторот во тенџерето.

Јас ставив и лажичка сол, но не мора. Поклопете. Јас капакот го ставив наопаку за да се потиснат пченките во водата.

Оставете да се варат…па, ако е многу млад (рече Кралицата Мајка) некои 30 минути. Јас ја варев пченката 45 минути, бидејќи не знаев да и ја проценам староста или младоста : – )

После половина час пробав неколку зрна, но за секој случај оставив уште малку да се варат. После тоа, ви останува само да ги извадите пченките. Нема тука што да се сервира. Само посолете и уживајте, па и не мора да ги солите. Оние кои сакаат да експериментираат, нека пробаат со малку путер да ги премачкаат додека се топли, и така се многу убави!

После уживањето во сочната пченка, ви преостанува само чепкалки за заби и средување на истите : – )

Coolinarika.com-kuvajmo-blogovski.com