За сите вас кои го сакате овој супер ликер, еве рецепт… Има два рецепти: со 3 кг и со 0,5 кг, а вие одберете си по вкус и по количина кој најмногу ви одговара.
Потребни состојки:
3 кг вишни
2 кг шеќер
1 литар добра ракија (лозова)
Постапка:
Вишните добро измијте ги и исцедете ги. Во тегли од 5 литри редете ги вишните, шеќерот и залијте ги со ракија. Целата оваа количина ја собира во две вакви тегли.
Оставете на сонце 40 дена, со секојдневно мешање за да се растопи шеќерот.
После 40 дена процедете (и не мора) и складирајте во стаклени шишиња. Не сум мерела точно, но излегува околу 3-4 литри.
Потребни состојки:
500 г вишни
500 г шеќер
1 литар домашна ракија
Постапка:
Во стаклена тегла редете ред вишни, ред шеќер додека има состојки.
Потоа прелијте со ракија и добро затворете.
Оставете ги теглите на сонце 40 дена, протресете неколку пати за да се растопи шеќерот.
Потоа се складира во шишиња и се пие разладено.
Една чашка на ден е доволна, а од две, три… ќе пеете цела ноќ : – )
За оние што прават првпат: семките не се вадат, само вишните треба да бидат здрави, да нема скапани меѓу нив. Потоа може да се користат за Шварцвалд торта, за чоколадни пралини со вишни, шери чоколатца… А ако изедете неколку вишни, ќе бидете весели цел ден…. : – ) Многу се силни, впиваат доста алкохол.
Вишните може да ги оставите во ракијата и да не ги процедувате.
Исто така, овој ликер може да се приготви и од смрзнати вишни.
Еве уште една идеја кога веќе пишуваме за ликери: Земете една голема тегла од 5 или повеќе литри, па започнете во неа да редите сезонско овошје, ред овошје, ред шеќер, ред ракија и ред рум.
Важно е секогаш да има прст ракија над овошјето.
И како излегува ново овошје вие така дополнувајте го. Вака ќе добиете ликер од разно овошје кое може да се користи и за пиење и за разни колачи.
ВАШИ КОМЕНТАРИ:
Коментар на Тони Секуловски: “Има уште еден многу поубав и погуст, прав ликер кој се подготвува од 1 кг вишни со извадени семки и 1 кг мед. Се оставаат 40 дена убаво затворени во стаклена тегла, на сонце, со повремено мешање. Потоа се меша со 1,5 ракија и спремно е за пиење.”