Фото и рецепт: Ана Пајиќ

Потребни состојки:

1 свеж квасец или кесичка сув
1 лажичка шеќер
200 мл топло млеко
125 г маргарин (1/2 коцка)
2 цели јајца
2 лажички сол
500 г брашно (по потреба додадете уште)

за фил:

250 г издробено сирење (наместо сирење може и кисела павлака, крем сирење или да ги оставите празни со по еден лист маргарин пред печење)
1 јајце
1 лажичка сол
1 јајце за премачкување
сусам за наросување

Постапка:

Млекото загрејте го но не смее да биде врело, туку доволно топло колку да го растопи маргаринот. Додадете половина од брашното и сите останати состојки.

Убаво промешајте за да се соединат сите состојки, а на крај постепено додавајте го и остатокот од брашното и месете додека да добиете убаво, меко тесто кое не се лепи на рака.

Тестото намастете го со масло и оставете го да стасува на топло додека да ја удвои величината, половина час до 45 минути. Потоа поделете го на два дела.

Премесете го секој дел и развлечете го со оклагија во кора со дебелина од половина центиметар. Со виљушка изматете го сирењето и јајцето, а содржината поделете ја на два еднакви делови, за двете кори. Рамномерно нанесете врз целата површина на секоја од корите. Свиткајте во ролат, па сечете ги полжавите со дебелина од 1 центиметар.

Пред печење одозгора премачкувајте ги со разматено јајце и наросете со сусам. Се печат во претходно загреана рерна на 180-190 степени, во зависност од рерната, околу 40 минути.

Најубави се кога тестото ќе преноќи во фрижидер: ролатот се филува и се витка во масна хартија, а следниот ден се сече пред печењето.

Фото и рецепт: Ана Пајиќ