Оваа пита е многу мека, сочна и не е многу масна што е вообичаено за питите од месо. Многу е вкусна, а и следниот ден останува мека.
Потребни состојки:
500 г кори за пита
600-700 г мелено месо мешано
2 главици кромид
масло за да се запржи месото
сув зачин, црн пипер, сол по вкус
За премачкување:
4 јајца
200 мл млеко
200 мл јогурт
100 мл масло
1 чаша од 200 мл брашно
1 прашок за печиво
Постапка:
Во подлабок сад јајцата изматете ги, па додадете млеко, јогурт, масло, лажичка сол, брашно и прашок за печиво. Убаво соединете да нема грутчиња, па оставете да отстои додека го приготвувате филот од мелено месо.
Во тава ставете малку масло, сол и ситно сечкан кромид. Кога малку ќе се запржи кромидот додадете го меленото месо, па со виљушка иситнете го. Посолете го месото, па зачинете го со црн пипер и сув зачин (вегета) или по вкус и убаво запржете додека да испари течноста и да добие убава боја.
Отворете ги корите и избројте ги, би требало да бидат 16 на број. Поделете ги на 4 купчиња по 4 кори, односно ќе добиете 4 ролати. Трите кори се премачкуваат со приготвениот прелив, а врз четвртата кора се става фил од месо.
Секоја кора се премачкува преку целата површина со 4-5 лажици од преливот. Филот од месо поделете го на 4 дела, за да имате доволно и рамномерно да го распоредите. Откако ќе го нанесете врз 4.кора, свиткајте го внимателно ролатот.
Вака приготвените ролати наредете ги во плех обложен со хартија за печење, а одозгора премачкјате ги со остатокот од преливот и наросете со сусам. Оставете малку да отстојат додека се загрева рерната на 200 степени.
Ставете да се печат во претходно загреаната рерна околу 20 минути. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: