Печено месо кое се топи во уста, толку меко и сочно – прсти да излижеш! Како да не добиете суво месо од свинско каре, туку сочно од сопствените сокови. Во комбинација со “меден” компир, ова е одлично јадење на кое му нема мана.
Потребни состојки: 2 кг свинско каре, 1 полна лажица сол, пипер во зрно повеќе вида (црн, бел..), 4 чешниња лук, 50 мл масло, 1 голема лажица домашна маст, 700 г компир и 400 мл обична вода
Постапка: Месото засечете го следејќи ја коската, т.е. правете порции како за едно лице (еден засек за едно парче порција).
По желба кој сака, целото месо може да се премачка со една мала лажичка сенф и да се истрие со сечкан свеж рузмарин, но ова се додава само по вкус и не се содржи во основниот рецепт.
Во џеповите рамномерно распоредете сол и убаво насекаде нанесете го свежо здробениот пипер. Исто така, во секој џеб ставете по половина чешне лук, па сето залијте го со малку масло.
Вака приготвеното месо завиткајте го во фолија и оставете го да се маринира најмалку четири часа во фрижидер, а најдобро преку цела ноќ.
Потоа извадете го лукот од џеповите, а целото месо премачкајте го со домашна маст, па оставете го на собна температура да отстои барем уште половина час, бидејќи не е добро месото да се става да се пече директно од фрижидер.
Ставете го месото да се пече во загреана рерна на 175 степени, 45 минути. Потоа извадете го од рерна и со лажица полијте го со соковите од печењето и додадете уште 200 мл млака вода. Вратете го во рерна да се пече во следните 75 минути, а повремено, 3-4 пати треба да го вадите и да го полевате со сопствениот сок го што месото го испуштило во тавата.
Потоа распоредете ги компирите покрај месото и добро промешајте. Полијте уште 200 мл млака вода и заедно вратете назад во рерна да се допече уште околу половина час, но покачете ја температурата на 200 степени.
Сега ќе се создаде убава коричка на месото и компирот ќе се запече. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: