Летото е вистинскиот момент да го испробате овој одличен леден десерт со бело чоколадо и плазма. Мислам дека нема да знаете што е, додека не почнете да го јадете, колку е кремаст и вкусен и колку освежува…
Семифредо е популарен колач кој може да се приготвува во неколку варијанти, а ова е една од нив.
Потребни состојки:
4 жолчки
6 лажици шеќер
200 г бело чоколадо
500 мл слатка павлака
150 г плазма
1 лажица арома од ванила
Постапка:
Жолчките добро изматете ги со шеќерот додека смесата да побели и да се растопи шеќерот. Ставете на пареа да се сварат, а кога смесата ќе се загрее додадете го и белото чоколадо искршено на коцки.
Матете со жица или миксер додека чоколадото да се растопи. Потоа тргнете на страна да излади.
Изматете ја слатката павлака, додадете арома од ванила и уште кратко изматете. Потоа додадете ја смесата со жолчки и бело чоколадо, па кратко изматете додека убаво да се соедини.
Плазма кексите издробете ги, не треба да бидат мелени. Тргнете на страна 4 лажици за основа. Филот поделете го на 2 дела, па во едниот додадете ја плазмата, а вториот оставете го како што е.
Јас користев правоаголен калап со длабочина од околу 8 см, должина 20 см а ширина 8 см. Може да користите и поинаков калап, каков имате. Обложете го со проѕирна фолија или кеса.
На дното ставете дробена плазма (4 лажици кои ги тргнавте на страна). Потоа ставете половина од жолтиот фил и израмнете, па половина од филот со плазма, па жолт фил, па филот со плазма.
Покријте одозгора со проѕирна фолија и ставете во замрзнувач, најмалку 4 часа. Кога семифредо ќе се излади, превртете го на тацна, одозгора украсете со шлаг, плазма, чоколадо, овошје…со што сакате. Сечете на парчиња и уживајте.
Ако по некој случај ви остане некое парче, покријте го со фолија и чувајте го во замрзнувач до послужување.
Coolinarika.com