Многу вкусни ситни колачи кои можете да ги правите во посна но и во мрсна варијанта. Постапката е брза и едноставна, нема потреба од долго готвење и печење.

Ги правам во текот на целата година, зашто се едноставно неодоливо вкусни. Еве што ви е потребно:

Потребни состојки:

200 мл вода
100 мл сок од портокал
150 г шеќер
150 г посен маргарин
100 г чоколадо посно
150 г печени лешници, па мелени
300-350 г мелени посни бисквити
150 г ситно сечкан лешник за валање

за фил:

150 мл растителна слатка павлака за шлаг
100 г чоколадо посно

Постапка:

Најпрво малку истостирајте ги лешниците за да ја ослободат аромата, оставете ги да се оладат, па половината сомелете ги (150 г), а остатокот ситно исечкајте го (за валање).

Во еден сад ставете 200 мл вода и 100 мл сок од портокал (може купечки или свежо цеден сок). Во течноста додајте 150 г кристален шеќер, 150 г маргарин и 100 г чоколадо.

На тивок оган загревајте додека да се растопат состојките и соединат во еднолична смеса.

Додека е топла смесата додајте ги мелените лешници, промешајте, а потоа додајте ги и мелените бисквити. Додавајте ги постепено и мешајте, ќе ви бидат потребни околу 300-350 г мелени бисквити.

Од изладената смеса вадете со мала лажичка и меѓу дланките формирајте топчиња. Валајте ги во сечканите лешници, а потоа со прстот или дршка од дрвена лажица правите вдлабнување за филот.

За фил: слатката павлака и чоколадото ставете ги на тивок оган и варете ги со постојано мешање најмногу до 5 минути (не смее да зоврие). Мешајте додека да добиете убава и мазна чоколадна смеса.

Филот ставете го во фрижидер за да се стегне, а потоа во шприц и филувајте ги гнездата. Деталите можете да ги погледнете во видеото: