За подготовка на ова слатко потребни ви се посветли и цврсти плодови кајсија. Нема потреба од приготвување на варова вода, истиот ефект се постигнува и доколку ги оставите во вода со сода бикарбона. Во овој рецепт не е наведено, но освен сода бикарбона, во водата може да додадете и 1 кесичка лумонтус.

Исто така, во овој рецепт не се вари шербет во кој се спуштаат кајсиите, туку плодовите отстојуваат преку ноќ со шеќерот и сами ја испуштаат течноста. Доколку немате време, може да приготвите шербет од 600 г до 1 кг шеќер и да го прелиете со вода колку да биде прекриен. Кога ќе зоврие неколку минути, во него може да ги спуштате исчистените кајсии.

Под овој видео рецепт, може да го погледнете и вториот каде кајсиите се полнат со исчистени семки и се варат во претходно сварен шербет.

Потребни состојки:

1 кг кајсии
600 г шеќер
½ лимон – сок

за потопување:

1 литар вода
1 лажица сода бикарбона

Постапка:

Со остар нож излупете ги кајсиите многу тенко и спуштајте ги во раствор од 1 литар вода и 1 супена лажица сода бикарбона.

Вака излупените кајсии оставете ги да отстојат два часа во растворот за да ја сочуваат цврстината. Потоа процедете ги и испалкнете ги под млаз ладна вода. Оставете го во чиста ладна вода 3-4 минути, па процедете ги.

Со помош на игла за плетење или нешто слично, вадете ги семките (се боцкаат од страната на дршката, а семката излегува од спротивната страна). Притоа се внимава плодовите да останат целосни.

Семките сочувајте ги (ако се слатки) и искршете ги, за подоцна да ги додадете во слаткото. Доколку семките се горчливи, тогаш ставете 1-2 раце бадеми. Може да ги излупите, но не мора (се попаруваат 5 минути во врела вода, па се лупат).

Исчистените кајсии без семки наросете ги со шеќер па оставете ги да отстојат 8-10 часови или преку цела ноќ. За тоа време тие ќе испуштат сок и ќе пливнат во сирупот.

Ставете ги на силен оган додека да зовријат, па додадете ги и искршените семки. Откако ќе зоврие слаткото, намалете го огнот на умерена температура и варете го до потребната густина.

Повремено промешувајте ги кајсиите со шпатула внимавајќи да не ги нагмечите. Пред крајот од варењето додадете иседен сок од половина лимон. По потреба собирајте ја пената.

Слаткото оставете го излади покриено со влажна крпа, па складирајте го во стерилизирани стаклени тегли. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото:

https://youtu.be/V6XCCEJZl3U